Универзитетот е голем, разнороден и комплексен, односно во неговите рамки функционираат дури 25 факултети, во моментов техничките факултети разгледуваат најдобри решенија и модели, кои би овозможиле што пообјективно оценување на студентите. Сепак, секој факултет си има своја специфика и има различен број студенти и затоа нема потреба да брзаме, вели првиот човек на институцијата, ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски за „Нова Македонија“

УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ВЛАСТИ НЕ САКААТ ДА БРЗААТ СО ПОЛАГАЊЕТО ИСПИТИ

Да им се провери знаењето од дома на околу 30.000 студенти на најстариот и најголем универзитет „Св. Кирил и Методиј“, е најтешкиот и најкомплициран дел пред кој сме исправени. Затоа нема потреба да брзаме, вели првиот човек на институцијата, ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски за „Нова Македонија“.
Бидејќи универзитетот е голем, разнороден и комплексен, односно во неговите рамки функционираат дури 25 факултети и пет институти, во моментов техничките факултети разгледуваат најдобри решенија и модели, кои би овозможиле што пообјективно оценување на студентите. Сепак, секој факултет си има своја специфика и има различен број студенти, па затоа универзитетските власти не сакаат да се брза во целиот овој процес.

– Во моментот избираме начин, модел што би го прифатиле, но тоа би било секако во согласност со студентите. Кај нив има отпор да не се оди на тестирање и оценување, но ако најдеме добар начин, ќе им го предложиме ним. Нема никаде да брзаме. Се испитуваат неколку модалитети со техничките факултети. Може да дадеме и по две сесии, јуни и јули. Ако успееме тогаш да ги организираме во ред, а ако не во септември. Будно следиме и сме внимателни – вели проф. Јанкуловски.
Деканот на Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Иван Чорбев, смета дека оценување треба да има на оној факултет на кој има услови за тоа.

– Сите ние како професори имаме различен број студенти. На оние професори со помалку студенти не би требало да им биде проблем да спроведат полагање испити, преку апликација со која студентот може усно да одговара. Но со оглед на тоа што УКИМ е разнороден универзитет, не може на истиов начин да полага на пример студентот на стоматологија. Ќе се бара најоптимално решение и ќе бидеме внимателни во секој случај – вели Чорбев.
Неговиот колега од Филозофскиот факултет проф. д-р Ратко Дуев, смета дека најважно е сега сите да бидат флексибилни.

– Ние имаме 4.000 студенти. Свесни дека во оваа криза сите ќе изгубиме многу, треба да се обидеме тие загуби да бидат колку што може помали. Затоа како факултет оставивме можност секој професор преку електронска комуникација по свој избор да држи настава и консултации. Најважно е студентите да ги добијат материјалите за реализација на предметната програма (начин на кои и денес сите факултети работат со вонредните студенти). За да не биде загубено времето, студентите може да се оценуваат за реализираните предметни активности (семинарски, есеи, проектни задачи, макс. 30 бода) по електронски пат, доколку тоа го дозволува природата на тој вид оценување, според членот 40 од Правилникот за студирање. Оценувањето на знаењето (макс. 70 поени) и полагањето на испитите во летниот испитен рок ќе се реализираат во термини што дополнителни ќе се одредат по завршувањето на мерките. За доставување на потребните материјали како административна поддршка, овозможивме тие и од дома да можат да пристапат до електронските бази на факултетот – смета деканот.

Тој вели дека факултетот го прифатил барањето на студентското собрание да нема оценување додека не завршат вонредните мерки и додека не се создадат услови за објективно оценување.
– Лично сметам дека студентите се во право. Не се доведува во прашање само објективноста на оценувањето туку и реалното администрирање на семестрите, сесиите и учебната година. А и како би изгледало тоа оценување? Реално сите студенти и наставници не можат во одреден рок, додека трае оваа состојба, да оценуваат и да бидат оценувани. Да претпоставивме дека 60 проценти би полагале колоквиуми во текот на наредните два месеца и испити во јунската сесија, но што со преостанатите? Кога би полагале тие? Дали по еден, два или три месеци?

Како ќе запишат година и како ќе започне наредниот семестар? По каков академски календар ќе работи факултетот? Затоа сметам дека е најдобро сесијата да биде за сите студенти кога ќе престанат да важат вонредните мерки. Со тоа ќе се зачува објективноста, ќе се избегне и дискриминацијата на студентите што немаат можности за е-настава и ќе се избегне хаосот што би настанал со академскиот календар – додава професорот.

Тој истакнува да не се заборава фактот дека во оваа криза домовите на професорите не се училници, слушални, амфитеатри, лаборатории, фискултурни сали, кабинети, канцеларии.

– Тоа е наше интимно катче, каде што го наоѓаме нашиот мир, од каде што започнуваат нашата љубов, нашата надеж и нашите соништа, нека еден дел во овој хаос биде и наше работно место, но и за она што за секој човек значи зборот дом – додава Дуев.


Студентите бараат уреди и интернет за колегите што ги немаат

Во однос на полагањето испити, ние сметаме дека не треба да се брза со непроверени решенија, кои не знаеме како би се извеле. Сметаме дека не може со импровизирање да се гарантира квалитет. Не знаеме дали ќе има манипулации на тие полагања или не, вели Борјан Ефтимов, претседател на универзитетското студентско собрание.
– Така ќе има и нееднаквост, одреден број студенти немаат уреди за следење настава и полагање, а имаат и проблем со интернет-конекцијата.

Сега сите се дома, па се случува видеоврската да се прекине. Сметаме дека треба да се дадат повеќе бесплатни дополнителни сесии кога ќе има можност за физичко присуство на факултетите. Исто така, во меѓувреме собравме податоци за бројот на студенти што немаат уред или интернет. Според анкетата, 150 студенти рекле дека немаат уред, на вкупно четири државни универзитети. Следно, ќе контактираме и со државата и со општините за да се најде решение за нашите колеги – вели Ефтимов.