Вкупно 244 граѓани на територијата која ја покрива СВР Битола, во градовите Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Македонски Брод добија прекршочни налози за плаќање глоба за непреземање мерки за лична заштита од коронавирусот, соопшти битолската полиција, која за време на периодот од 4-8 јуни во овие градови утврди дека 244 лица не носеле маски. Сите тие се казнети по член 6 став 2 од Уредбата за носење лична заштита и ќе треба да платат по 20 евра.

Инаку битолската полиција во текот на вчерашниот ден, а и денеска вршеше контроли во два битолски пазари дали граѓаните ги почитуваат мерките за неносење маски.

Притоа на сите кои беа затекнати во пазарите, а не носеа маски им беа изречувани парични казни.

Со цел граѓаните на Битола, кога пазарат во двата зелени пазари во Битола да носат маски, деновиве ЈП „Пазари“ Битола на сите пазарџии им делеше бесплатни маски.

– Ние како јавно претпријатие  постојано сме активни и делиме заштитни маски на пазарџиите и на продавачите, но со оглед на тоа што бројката на посетители во двата пазари во просек е по 6.000 граѓани на ден невозможно е за сите да набавиме и да им поделиме маски. Одговорноста е на самите граѓани, да ги почитуваат мерките препорачани од здравствените власти. Во текот на изминатиот период добивме многу донации од маски и нашите вработени постојани ги делат, но пак ќе кажам, граѓаните се тие што треба да бидат совесни и да се придржуваат на препораките – вели директорот на ЈП „Пазари“, Владе Атанасовски.

М.М.