Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, нема коронавирус. Тој се тестирал откако било потврдено дека секретарката на Општината е позитивна.

– Сакам да ве информирам дека ги добив резултатите од тестот за ковид-19 и дека тие се негативни. По позитивниот тест на секретарот на Општина Центар, во интерес на општината и вработените, одлучив да се самоизолирам и јас да направам тест за ковид-19. Во изолација останувам до втор негативен тест – напиша Богдановиќ.

Тој наведува дека општината, тој и вработените од самиот почеток на пандемијата децидно и без исклучоци ги почитуваат мерките препорачани од надлежните институции, како што се одржувањето задолжителна дистанца, носењето на заштитни маски и одржувањето на личната хигиена.

– На секретарот му посакувам брзо и лесно заздравување. Апелирам до сите да се придржуваат до препораките на Владата и Министерството за здравство затоа што Корона вирусот не бира кого ќе зарази и никој од нас не е имун на него. Да бидеме одговорни, да ги почитуваме доследно препораките – напиша Богдановиќ на Фејсбук.