Дали ќе биде воведен полициски час зависи од тоа колку се почитуваат препораките од Владата, рече денес техничкиот премиер Оливер Спасовски.

На новинарско прашање што за граѓаните ќе значи воведувањето вонредна состојба во државата тој објасни дека е можно зајакнување на мерките во зависност од состојбата со коронавирусот.

– Што ќе се случува во вонредната состојба зависи од поведението на граѓаните, од сите нас и од тоа колку ги почитуваме препораките на Владата. Ќе зависи и од состојбата со ширењето на коронавирусот во државата. Однапред не е дефинирано – сега ќе имаме полициски час. Повикувам сите да бидеме на висина на сопствената одговорност – рече премиерот Спасовски.

Тој нагласи дека Владата и досега презела низа мерки и ограничувања за кои вели дека даваат позитивни резултати и најави дека дополнително ќе информираат за секоја мерка во моментот кога ќе биде одлучено за нејзино донесување. Мерки ќе се зајакнуваат во зависност од тоа колку се почитуваат мерките што се веќе на сила.

– Не се сите свесни што може да прават. Да изнајмуваат вили во Сопиште и Соње и таму да прват журки, тоа не може да биде дозволено во иднина. Нема собири, тоа е загрозување на здравствениот систем. Треба сите да се ставиме во поинаков режим на функционирање – рече премиерот Спасовски.

Вонредната состојба Спасовски смета дека ќе го олесни на Владата носењето одлуки оти сите уредби кои стапуваат на сила се носат на седница на Влада.