Фото: Архива

Оваа сезона Македонија, најверојатно, ќе ја брои во годините со највисок процент на заболени од сезонски грип во последните девет години. Последните податоци на Институтот за јавно здравје покажуваат дека заклучно со 12-та недела од сезоната имало вкупно 32.736 регистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип, со три смртни случаи на територијата на државата.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во споредба со минатата сезона има пораст на заболените од сезонски грип од 61,5 отсто, а во однос на последните девет сезони е регистрирано зголемување од 32,7 отсто, со што оваа сезона се вбројува во годините со највисока стапка на заболени од сезонски грип. Најголем број од овие случаи се во Струмичко, Скопско и во околината на Кавадарци, а старосната слика на заболените се движи од 15 до 64-годишна возраст.

Овие анализи за состојбата со сезонскиот грип во Македонија се поклопуваат и со периодот на пандемискиот коронавирус. Во февруари, кога се регистрирани најмногу заболени од сезонски грип, нешто повеќе од 19.000, во Македонија се појави и првиот случај на заболен од коронавирус. Статистиката на Министерството за здравство покажува дека оттогаш, па досега, заклучно со четвртокот, беа регистрирани 384 заразени со коронавирусот со 11 смртни случаи. Сите овие случаи, освен прворегистрираниот, се во март. За споредба, во истиот месец, Институтот за јавно здравје регистрирал 5.719 заболени од сезонски грип.
Иако епидемиолозите велат дека споредбите на заболувањата од сезонски грип со новиот коронавирус не се соодветни, сепак, истакнуваат дека за јавноста е важен податокот да се знае и бројот на заболени од сезонски грип.

Лекарите објаснуваат дека станува збор за различни вируси, пред сѐ, затоа што за свинскиот и сезонскиот грип постојат вакцини и соодветен третман на пациентите, кој веќе е добро клинички испитан, додека, како што истакнуваат, коронавирусот иако не е непознат, сепак, е недоволно испитан, без вакцинален третман и со различни манифестации на симптоми, кај различна категорија луѓе. Она што засега е познато е дека коронавирусот предизвикува тешка клиничка слика кај повозрасната категорија луѓе.

Освен тоа, во оваа ситуација загрижува тоа што коронавирусот се шири многу полесно и што неговото присуство во еден човечки организам трае подолго.
Во Македонија минатата година, само во февруари и март биле регистрирани 22 смртни случаи како резултат од компликации од свински грип. Најмногу смртни случаи од свински грип имало во пандемиската 2009 година, кога во земјава починаа 33 лица.
Ако се направи споредба со пријавени случаи на грип по месеци, тогаш највисоката бројка е регистрирана во февруари годинава, кога биле потврдени 19.874 случаи на сезонски грип во државата, па јануари со 6.315 случаи и март со 5.719 заболени. Во другите месеци од сезоната од октомври до декември биле регистрирани околу 800 случаи на сезонски грип.

Најчестите типови грип, кои биле дијагностицирани лабораториски кај заболените, се инфлуенца А и инфлуенца Б
Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека оваа година сезонскиот грип бил доста активен и на подрачјето на Европа. Во согласност со извештајот на Флу њуз Јуроп, објавен за 11-та недела од 2020 година, активноста на грипот останува на покачено ниво, но се намалува 5 недели едноподруго. Повеќето од земјите пријавуваат широко распространета активност.

– Активноста на грипот оваа сезона во европскиот регион на Светската здравствена организација започна порано во споредба со претходните години. Во поголемиот дел од земјите доминантен е вирусот инфлуенца А, иако има земји каде што доминира инфлуенца Б или постои коциркулација на двата вируса – стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Што се однесува до регистрираните смртни случаи во Европа за време на сезонскиот грип, заклучокот на здравствените власти е дека бројките покажуваат нормално ниво на смртност од сите причини.

[email protected]