Фото: Игор Бансколиев

УСТАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ СО СТАВ

Договорот на лидерите на партиите за одложување на предвремените парламентарни избори на 12 април, поради големиот ризик од пандемијата на коронавирусот, отвори повеќе дилеми за правните опции како да се спроведе политичката одлука, со оглед на фактот дека Собранието повеќе од еден месец е самораспуштено. За наоѓање најсоодветно решение за овие правни дилеми, претседателот на државата Стево Пендаровски повика експерти по уставно право на средба во својот кабинет. Една од понудените опции на експертската средба била дека решението треба да се бара во прогласување вонредна состојба , при што со уредба со законска сила донесена од Владата ќе може да се поништи одлуката на Собранието за самораспуштање, како и решението на поранешниот собраниски спикер Талат Џафери за одржување на изборите. Според дел од експертите, со таква уредба практично би се вратила можноста за повторно свикување на Собранието за да прогласи вонредна состојба.

Треба да се има предвид дека поранешниот претседател на Собранието во неколку ситуации има изјавено дека распуштениот парламент не може повторно да се свика, затоа што тоа не е предвидено со Уставот. Одредбата дека пратеничкиот мандат трае сѐ додека не биде верификуван мандатот на наредниот пратенички состав е регулирана во Изборниот законик, но Џафери инсистира дека него го обврзува Уставот, а во него не е предвидено состанување на распуштен парламент.
– Погрешно е толкувањето дека распуштеното собрание може повторно да заседава и да одлучува за одредени прашања. Еднаш распуштено собрание значи и негово исчезнување од политичката сцена.

Нема уставна основа за негово повторно оживување по одлуката за негово самораспуштање. Самиот термин „самораспуштање на собранието“ значи и негово престанување со работа. Преседанот за негово повторно оживување што е направен во 2016 година е неуставен. Како таков, не може да се користи како основа за создавање нови случаи и нивно претворање во обичајно право – пишува во своја колумна, професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.
Во однос на уставните и законските одредби за работа на Собранието во кризна, вонредна и воена состојба, професорката по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова вели дека тие важат само кога парламентот е во заседание.
– Во актуелниот случај станува збор за веќе самораспуштено собрание, што правно, според уставните одредби, значи дека тоа не постои. Ниту правно, ниту логично, не може да се продолжи нешто што не постои. Ниту со закон не може да се утврдува нешто што е уставна категорија, а пратеничкиот мандат е уставна категорија – вели професорката Силјановска-Давкова.

Како дополнителен пример за нереалноста на враќањето во работа на поранешниот парламентарен состав, професорката Силјановска-Давкова наведува дека во вонредна и воена состојба никаде со светот не заседаваат парламентите.
Меѓу предлозите за решавање на правните дилеми во однос на регулирање на одложувањето на изборите, на средбата кај претседателот била изнесена и опцијата да се направи итен состанок на ДИК, претседателот на Владата и претседателот на Уставниот суд, во насока судот итно да го укине решението на претседателот на Собранието за распишување на изборите без да се поништува одлуката на Собранието за самораспуштање. Во услови на распуштено Собрание, ДИК ја презема операционализацијата на активностите утврдени во изборниот роковник.
Сепак, можноста за прогласување вонредна состојба ја има и претседателот на државата, кој истакна дека ќе ја преземе таквата одговорност, но претходно сакаше да се консултира со правните експерти за наоѓање на најсоодветното правно решение.


Што со досегашните предизборни активности?

Извесноста на одложување на изборите, претходно закажани за 12 април годинава, во услови кога се веќе спроведени низа предизборни активности од страна на ДИК, но и на партиите, се поставува прашањето дали сѐ што било преземено досега ќе биде „замрзнато“ до закажување нов датум за избори, или сѐ што било досега ќе биде поништено. Со оглед на неизвесноста на траењето на пандемијата, а со тоа и долготрајноста на вонредната состојба, се наметнува и непознаницата колку ќе трае одложувањето на изборите . Некои од правните експерти сметаат дека сите досегашни предизборни постапки, меѓу кои спаѓа и поднесувањето на кандидатските листи за пратеници, треба да бидат поништени, додека други сметаат дека тие треба да бидат замрзнати и да се активираат повторно од точката до која се стигнати во моментот кога ќе биде одреден нов датум за одржување на изборите. Од ДИК сѐ уште не знаат како ќе постапат во однос на досега спроведените активности и упатуваат на тие што одлучиле да ги одложат изборите.