Фото: Зоран Антоски

Предвидувањата на лекарската фела од кичевската болница, дека бројот на активни случаи се очекува да опаѓа, во целост се остваруваат. Така, со денес четирите излекувани лица, бројот на активни случаи во општина Кичево се спушти на само 66, во исто време нема новозаболени ниту починати. Бројот на излекувани се искачи на 191, и ако се има предвид полесната клиничка слика кај повеќето пациенти, кои се претежно на домашно лекување, оваа бројка се очекува и натаму да се намалува.

Од Кризниот штаб продолжуваат континуираните апели за почитување на протоколите поврзани со ковид-19.

– Од актуелната состојба поврзана со ковид-19 во нашата општина можеме да бидеме задоволни, бидејќи опаѓа бројот на активни случаи а се намалува и бројот на новозаболени лица. Тоа нѐ прави да бидеме барем малку поспокојни и да очекуваме овој тренд на намалување на бројот на новозаболените да продолжи и во септември. Но, тоа сознание не ни дава за право да не ги почитуваме протоколите, бидејќи со наша недисциплина, состојбите можат за час да се променат. Апелите до нашите сограѓани ќе продолжат сѐ дотогаш, додека постои опасност од зараза со ковид-19 –  потенцираат од Кризниот штаб.

Вкупниот број инфицирани граѓани во Кичево изнесува 269, додека бројот на пoчинати  е 12 лица.