Од почетокот со работа пред нешто повеќе од еден месец, четирите детски градинки во Кичево работат според сите протоколи и засега не се забележани случаи на инфицирани вработени или деца. Но и покрај поволниот здравствен билтен во градинките, сепак родителите се претпазливи, а како превенција од сезонски грип, не ги пуштаат децата во градика и во овој момент градинките работат со преполовен капацитет од пропишаното во време на пандемија.

– Во нашите детски градинки, барем засега, не е евидентиран ниеден случај на заболен од ковид-19, ни кај вработените ниту кај децата. Имавме само еден случај на инфициран родител и ова дете беше преветивно повлечено од градинка. Навиките за одржување на лична хигиена кај децата е веќе стекната и самите се повеќе водат грижа за да не дојде до евентуално инфицирање. Иако во старт во градинките требаше да се вратат околу 60 проценти од децата, ние моментално сме на половина од оваа бројка и засега работиме само со 30 проценти од децата, споредено со ланската година. Ги контактиравме родителите на децата што не доаѓаат во градинка, а тие со одговор, дека во овој период покрај короната е присутен и сезонскиот грип и од превентивни причини да не заболат децата од овој грип не ги пуштаат во градинка. До кога децата ќе останат дома навистина немаме одговор – потсети Садик Ахмети , директор на детските градинки во Кичево.
З.А.