На скопскиот аеродром попладнево пристигна првата пратка од руската вакцина „спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче заедно со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин ги пречека вакцините.

Вакцините кои се наменети за три илјади граѓани, се во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите.

Министерот Филипче рече дека со овие 3.000 вакцини ќе продолжи процесот на имунизација во земјава.

– Пристигна првата пратка на руските вакцини. ова е количина од 3.000 дози што ќе овозможи континуитет на имунизацијата. Голема благодарност до амбасадорот за неговиот личен ангажман да ги добиеме вакцините што побрзо во земјава. Продложува процесот на имузација во доменот на здравствените работници и според индикацијата и на граѓани и онака како што е предвидено во националниот план за вакцинација – изјави Филипче.

Тој нагласи дека ќе продолжи комуникацијата со Русија за добивање на другите вакцини.

Амбасадорот Бездникин рече дека е убеден оти ова ќе биде од голема важност за спасување на човечките животи, но и враќање на македонската економија во траекторијата на раст.

– Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на македонските граѓани со кои уживаме во вековните традиции на пријателство и споделуваме заеднички вредности. Имаме многу конструктивна соработка со Владата на РСМ и сме спремни да ја прошируваме врз нови области на основа на еднаквост и взаемно почитување на интереси – рече тој.