Попладнево пристигнаа нови 11.700 дози од вакцината на производителот „Фајзер“, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

Од нив, 7.020 се преку директни преговори со производителот, а 4.680 дози се од ЕУ, што ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe). Оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан ја координира Австрија.

Министерот вели дека количините вакцини постојано се дополнуваат и апелира сите граѓани да се пријават за вакцинација.

Претходно денеска, Филипче изјави дека останати се уште 5.000 вакцини за прва доза. Набргу ќе пристигнат 70.000 вакцини од Грција и Бугарија, а најверојатно станува збор за „Астра зенека“. Вакцини на „Фајзер“ во Македонија се испорачуваат секој понеделник.