Фото: Архива

Толеранцијата кај граѓаните станува сѐ помала, а сѐ почесто се рефлектираат состојби на индивидуална агресија, која тие ја искажуваат на социјалните мрежи. Корона-кризата трае долго, проблемот не се решава, има сѐ повеќе заразени, а кај граѓаните се забележува пад на довербата во институциите. Ниту докторите, кои во овој период треба да се армирачката цврстина на здравствените власти, не успеаја да им се доближат и да им влеат доверба на луѓето. Нечиј збор (некаква норма, закон, уредба) би требало да е релевантен за граѓанинот…

АКО САМИ НЕ САКАМЕ ДА СИ ПОМОГНЕМЕ, НЕ ПОМАГА НИТУ ГОСПОД

Пандемија на коронавирус и неизвесност што следува, воведени па укинати мерки за полициски час, па повторно воведување, секојдневна статистика на заболени и починати, лето и очекувања за плажа, намалени лични приходи… Сето ова како да создаде една општа збрка кај луѓето, кои на моменти и не знаат како да се однесуваат, кому да му веруваат. Политичките расправања, пак, се дополнителен зачин во целата оваа папазјанија. Ќе има избори, ќе нема избори. Заразени и оздравени политичари. Седи дома, гледај вести, па прошетај, не гледај вести. Носи маска, па штетни се маските, не ги носи. Има ли нешто опипливо и попедантно за кое можат да се фатат граѓаните? Во таквиот галиматијас на информации, измешани чувства и емоции, јавноста е пресретната дури и со астролошки појави, кои, рака на срце, не ветуваат период на успех.

Влијанието на енергијата од вселената не ни е наклонето, ниту пак од
социјалните мрежи

Предвидувањата на астрологијата велат дека овој месец влегуваме со три ретроградни планети Венера, Сатурн, Јупитер, каде што се приклучуваат уште две, како Меркур и Нептун, што ќе донесе околу 5 и 6 јуни ситуацијата да биде многу напната, агресивна, борбена. Затемнување на Месечината и Сонцето ќе има и во јуни, што укажува на многу турбулентен месец со разни настани, бунтови и промени, како и можност да доведе до емоционално незадоволство кај луѓето, па дури и до финансиско незадоволство.
Но да ги оставиме настрана астрологијата и хороскопските знаци и да се осврнеме накратко на социјалните мрежи, а таму, ништо ново, има само бес, навреди, очај и револт.

Може да се забележи како луѓето преку напишани статуси јавно се спротивставуваат на новите мерки за спречување на ширењето на вирусот. Како капка што ја прелеа чашата е последната мерка за воведување полициски час во одредени градови во земјата, која најмногу се рефлектира токму на социјалните мрежи, кои овој период претставуваат издувен вентил за граѓаните и единствен начин да го искажат своето мислење за моменталните случувања. Отворените изливи на бес и на револт најмногу се насочени токму кон мерките за воведување полициски час, односно како граѓаните од некои населби се чувствуваат заробено и сметаат дека мерките се селективни. Многумина од нив, дури, и повикуваат на јавно непочитување на мерките.
На социјалните мрежи се појавуваат слики од функционери и политичари како седат во кафулиња или ресторани. Тоа дополнително го разгорува бесот кај граѓаните, зашто во следните денови мора да седат дома.

Во здраво тело здрав дух

Но што е најважно на крајот од денот? Да се остане со неоштетено физичко и ментално здравје од короната, но и да се зачува здравјето од информациите со кои секојдневно сме бомбардирани.
Интересна коинциденција е што пред два дена, министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук-профил им порача на граѓаните да се вклучат во меѓународното истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемијата на ковид-19, кое се спроведува во повеќе европски земји, а координатор е Клиниката за психијатрија. Целта е да им се помогне на истражувачите за подобро да ги разберат последиците по менталното здравје од целата криза со коронавирусот.

– Студијата се спроведува за процена на влијанието на пандемијата на ковид-19 и воведениот карантин врз менталното здравје кај нашето население и за да се развијат соодветни здравствени интервенции. Сите податоци ќе се користат само за истражувачки цели и во никој случај не е можно да се идентификуваат учесниците – се вели во соопштението што го споделил министерот Филипче.
По повикот на здравствените власти до граѓаните да се вклучат во истражувањето за менталното здравје и состојбата со коронавирусот, интересно е да се чуе и мислењето на психолозите, кои на терен директно работат со граѓаните. Според нив, целосно е разбирлива состојбата на револт и вознемиреност што е присутна меѓу граѓаните, зашто во овој период немаат доверба ниту во политиката, ниту во здравствените власти.

Зошто граѓаните ја губат вербата

Психологот Мирјана Стојановска-Јовановска вели дека реакциите на граѓаните се нормални и во согласност со состојбата со ширење на коронавирусот што трае во земјата и во светот последните месеци.
– Толеранцијата станува сѐ помала и затоа кај граѓаните се рефлектираат состојби на индивидуална агресија, која најчесто ја искажуваат на социјалните мрежи. Корона-кризата трае долго, проблемот не се решава, имаме сѐ повеќе заболени, а граѓаните сѐ помалку имаат доверба во институциите. Политичарите, па ниту докторите што во овој период се на чело на здравствените власти не успеаја да им се доближат и да им влеат доверба на луѓето. Ничиј збор не е релевантен за народот. Затоа и се рефлектира таква вознемиреност во јавноста – посочува Стојановска-Јовановска.
Според неа, народот сега е донесен во состојба кога не може да им верува на сопствените очи, на науката, на државните авторитети.
– Време е надлежните да размислат како во иднина ќе се справуваат со оваа состојба, за да имаме психолошки здрава нација. Полицискиот час не може да биде единствена мерка, зашто така психичката напнатост ќе расте. Потребен е сет на комплетни мерки за луѓето да се чувствуваат безбедно и сигурно – смета психологот.

[email protected]