Во пресрет на најавеното укинување на дел од мерките и ограничувањата поради коронавирусот и разгледување на можноста од страна на Комисијата за заразни болести за повторно отворање и работа на угостителските објекти, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) подготви прирачник со сет на препораки за организирање на работата на угостителите во услови на пандемија.

– Целта е со препораките да им се помогне на угостителите правилно да ја организираат работата во објектите, со цел да се заштити здравјето и на вработените и на гостите, но и да се одржи високо ниво на хигиена – се наведува во соопштението.

Од АХВ прогнозираат дека според најавата на Комисијата за заразни болести, угостителските објекти ќе почнат со работа во периодот по 19 мај.

– Покрај спроведување на темелна дезинфекција на објектите и површините и опремата, пред започнувањето со работа, неминовно е да се изврши и дезинсекција и дератизација во угостителските објекти. Угостителите треба да спроведуваат строги мерки за избегнување на евентуален пренос на инфекцијата меѓу вработените и гостите, пренос на инфекцијата преку контаминиран прибор и опремата која доаѓа во контакт со храната и гостите, како и мерки за избегнување на пренос на инфекцијата при прием на храната и послужувањето на гостите – посочуваат од АХВ.

Од Агенцијата нагласуваат дека и натаму примарна останува примената на мерките за лична заштита како што се носењето на заштитна маска од страна на вработените, одржување на хигиена на рацете, физичко дистанцирање до 2 метра меѓу самите вработени и со гостите, но пред се избегнување на допирање на очите, носот и устата.

– Задолжителна ќе биде дезинфекцијата на рацете и на гостите и на вработените кои тоа треба да го практикуваат почесто, односно во неколку наврати во текот на подготовката и послужувањето на храната. Покрај основната, за вработените треба да се обезбеди и дополнителна заштитна опрема, како што се штитови за лице, водонепропустливи престилки, гумени ракавици и чизми – се наведува во препораките.

Во поглед на организирањето на приемот на гостите, масата треба да биде максимум за 4 гости кои ќе бидат сместени на површина од 10 квадратни метри.

Растојанието од задниот дел од столицата до задниот дел од столицата на соседната маса треба да изнесува најмалку 1 метар, а гостите да се гледаат едни со други на растојание од најмалку 1, 5 метар. Во помалите објекти, треба да се разгледа и можноста за шалтерско послужување.

На интернет страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство, заинтересираните субјекти и граѓаните можат да ги најдат сите препораки и информации кои се однесуваат на пандемијата и на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните.