Фото: Игор Бансколиев

Ублажувањето на рестрикциите и ослободувањето од полициски час за Рамазан Бајрам и Велигден се мудри одлуки на Комисијата за заразни болести, смета премиерот Зоран Заев.

Тој вели дека има резултати од рестрикциите, а за да не се зголемува бројот на инфицирани од коронавирус, разговарано е и со верските лидери кои треба да го изменаџираат влезот во црквите и џамиите.

– Комисијата секогаш работи стручно, навремено и мудро. Тоа се потврдува од мудроста на одлуката, за пред три недели, кога беше стигнато платото на кривата да донесе одлука за ставање на полициски час од 20 часот и затворање на угостителите со цел да ги одмори здравствените работници, но и да помогне во здравствените капацитети. Мудроста во предлагањето, инвентивноста и знаењето имаат свои содржини. Нашиот народ 85 отсто е религиозен и драго ми е што Комисијата води грижа за социјалниот живот. Од тој апсект, заедно одржавме и состоанок со лидерите на верските заедници, за не само за први мај, Велигден, да го изменаџираме, туку и за предвечерието за Рамазан Бајрам. Пораката ја испративме уште во понеделникот преку Филипче, ако бидеме послушни ќе продолжи и олабавувањето на мерките. Ако се опуштиме и не ги почитуваме мерките ќе има повторно затворање. Можеме да дозволиме достоинствено, во кругот на семејството да се дочекаат празниците – рече Заев.

Владата на денешната седница треба да ги изгласа предлог мерките на Комисијата за заразни болести. Тие предлагаат полицискиот час да се скрати за еден час и да почнува од 21 часот, а за Велигден и Рамазан воопшто да нема ограничување на движењето. Притоа, предлогот е и да се отворат летните тераси на угостителските објекти. Новите ограничувања се предложени за периодот од 28 април до 15 мај.