Фото: Зоран Антоски

Со мала свеченост денес беше предадена во употреба новоизградената модуларна ковид-амбуланта во кичевската општа болница. На денешната свеченост присуствуваше и амбасадорката на Германија во земјава Анке Гизеле Холштајн, со чија несебична помош беа обезбедени средства за финализација на овој објект, од исклучителна важност за кичевската болница. 

– Повод за оваа средба е донацијата на Владата на Република Германија за граѓаните на Кичево и околината, за модуларна болничка единица со сместувачки капацитет од дополнителни 15 места. Со оглед на последните загрижувачки статистики за ковид-19, се надевам дека оваа дополнителна единица ќе овозможи побрзо згрижување на сите пациенти и укажување на потребната медицинска помош. Оваа донација е по иницијатива на сојузната Влада за време на германското претседателство на Советот на ЕУ, за помош на државите од Западен Балкан при пандемијата од ковид-19. Со оглед на актуелните состојби, главен акцент на нашето претседателство е справување со пандемијата и со нејзините последици. Германија досега го поддржа регионот со 15 милиони евра, а освен тоа и ЕУ со 3,3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина – рече амбасадорката Холштајн.

Инаку вкупната вредност на оваа донација е 41.000 евра, а се имплементира преку Министерството за надворешни работи на Германија. Директорот на кичевската општа болница им се заблагодари на сите што дале голем придонес во изградбата на оваа нова модуларна ковид-амбуланта, од градоначалникот Фатмир Дехари до амбасадорката на Германија и сите останати.

– Во оваа прилика сакам да одадам јавно признание за одличната соработка од германска и македонска страна, која беше потпомогната од граѓанската асоцијација Центар за граѓанска иницијатива Прилеп, кои што беа иницијатори за оваа донација. Проектот кој го финансираше германската амбасада опфаќа проширување на болничките простории, односно алтернативна нега на нашите пациенти и грижата за пациентите болни од ковид-19 – рече директорот на Општата болница д-р Станко Трпески.

Од страна на Трпески, на германската амбасадорка и беше предадена специјална благодарница за придонесот што го има во изградбата на оваа модуларна болничка единица. З.А.