Министерството за здравство информира дека се негативни резултатите на битолчанецот кој беше пронајден починат во својот стан и кај родилката од Охрид, откако постмортем на двајцата им беше земен брис за тест на Ковид – 19.

Мажот на возраст од 66 години, кој на 30 март од страна на МВР при извршување на рутинска контола на лице во домашна изолација, беше пронајден починат во својот стан во Битола е негативен на коронавирусот. Брисот беше земен истиот ден од страна на Центарот за јавно здравје во Битола и испратен во Скопје на анализа. Починатиот, по враќање од Англија бил во 14 дневна изолација, а истата требала да заврши на 30 март. Од познати комобирдитети, имал дијабет и хипертензија.

Негативен на Ковид -19 е и резулатот на родилката од Охрид, која доцна синоќа почина на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, велат од министерството.

Пациентката на возраст од 37 години беше вчера попладне донесена во Скопје со возило на брза помош во високо фебрилна состојба и со мртов плод.

Како што информираше Клиниката за гинекологија и акушерство по пристигнување, на пациентката уште веднаш и е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадиле плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Причина за смртта е најверојатно сепса со масивна тромбемболија. Пациентката e пратена на обдукција по што ќе има егзактна дијагноза.

Според извештајот на Клиниката, се работело за пациентка со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните 5 месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ниту потребните гинеколошки контроли, додаваат од министерството.