Откако корона-кризата во Македонија „врати“ висококвалификувани лица што работеа во странство

Како да ги задржи Македонија своите висококвалификувани кадри што работат во развиените земји во Европа и во САД, кои поради пандемијата на коронавирусот се вратија во татковината и беа сместени во државен карантин? Различни профили на високопрофесионален и стручен кадар од областа на медицината, инженери, градежници, па и менаџери се вратија во својата татковина. Некои од нив поради губење на своите работни места, а некои за да бидат заедно со своите семејства во услови на сѐ потешката корона-криза, не само од здравствен туку и од економско-финансиски аспект.

Дилемите како да се задржат овие перспективни кадри, се актуализираа во домашната јавност во моментите кога токму економијата и домашното стопанство стануваат сѐ поголем предизвик.
Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека има показатели дека партиите од власта и од опозицијата воопшто не ѝ пристапиле сериозно на оваа појава, бидејќи се притиснати со прашањето како да се надмине пандемијата што побезболно, а се и сѐ повеќе преокупирани со прашањата врзани за тоа како да се освојат изборите.

Синиша Пекевски, политички аналитичар, за овие состојби низ игра на зборови констатира дека „ние имаме стратегија дека немаме стратегија за ваква битна работа“.
– Имено, во Македонија генерално нема консензус за ниту една работа, па дури ни за справувањето со пандемијата на коронавирусот. Оттука не верувам и дека некој во техничката влада многу темелно се осврнал како да се обиде да ги задржи нашинците, кои поради разни причини беа принудени од странство да се вратат во Македонија – вели Пекевски.
Според аналитичарот, сега и партиите од власта, но и оние од опозицијата во овој момент гледаат само како да ги освојат следните избори, а ваквите прашања поврзани со нашата емиграција се ставени во заден план и никој во суштина не презема активности да реагира на оваа дилема.

– Мислам дека во моментов многу е битно што побргу да се извршат процени колку точно од нашите граѓани се вратени тука, што се по професија и дали постои можност да се реактивираат, но во домашната економија. За оваа работа чинам дека треба да се формира одреден фонд со консензус на власта и на опозицијата, бидејќи е работа со висок национален интерес за државата и преку финансирање на компаниите да се мотивираат овие луѓе да останат во земјата – вели тој.
Слично размислува и аналитичарот Милан Стефаноски, кој вели дека нашите иселеници во странство се луѓе што развиваат туѓи економии, и советува во овие моменти надлежните да сторат сѐ за да ја свртат топката од економскиот меч, притоа привлекувајќи ги луѓето да останат во земјата и тука да си ја продолжат кариерата.
Аналитичарот додава дека општ заклучок е дека нашата земја доволно не се посветува на оваа појава и подвлекува дека тој трајно може да се реши, а нашата земја да има исклучително силни бенефиции и инпут од овие наши граѓани.

Повеќе соговорници истакнуваат дека е од јавен интерес што побргу да се алармираат надлежните институции, пред сѐ нашата Влада, дека токму корона-кризата во Македонија „врати злато вредни кадри“, кои имаат и знаење и искуство од различни области и можат силно да придонесат за развојот на својата земја. Меѓутоа, токму Владата, односно државата треба да направи сѐ за да им понуди услови што „тешко можат да се одбијат“. Корона-кризата, и покрај сите негативности, понуди шанса, која „оние што одлучуваат, односно надлежните“ не треба да ја пропуштат.

[email protected]