Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска ја промовираше алатката Фискална транспарентност, со која се надгради владината веб-страница за информации за коронавирусот.

Како што појасни Поповски, станува збор за алатка преку која јавноста ќе ги има на увид сите информации за средствата кои се слеваат и трошат од Буџетот, како и евиденција на сите нефинансиски донации добиени како помош, а се наменети за справување со кризата ковид-19.

– На веб-страницата ќе бидат објавувани, јавни набавки направени од страна на институциите на централно ниво кои се однесуваат на справување со корона-кризата, податоци за нефинансиски донации на сите институции, податоци за финансиски донации направени на наменските донациски сметки на Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство кои автоматски се објавуваат на дневна основа, и податоци за сите исплати од Буџетот коишто се направени во рамките на буџетската програма Мерки за справување со ковид-19 кризата – изјави Поповски.

Тој додаде дека за потребите на оваа алатка направена е и надградба на Електронскиот систем за јавни набавки, за сите веќе реализирани јавни набавки и за сите набавки во иднина, како и надградба на порталот Отворени финансии со делот ковид-19.