Ниту една фирма не ги исполнила критериумите на тендерот за набавка на респираторни машини и истиот е поништен, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека ниту еден од економските оператори не можел да го задоволи критериумот за итност на набавката, па од тие причини постапката е поништена. Тендерот повторно ќе биде повторен преку Владата.

Сепак, Филипче вели дека во моментов државата не се соочува со проблем на респираторни машини, бидејќи и светските искуства говорат дека само пет отсто од пациентите имаат потреба да бидат ставени на респираторна машина.

Во земјава, од сите 85 детектирани случаи, само една пациентка, првозаразената од Дебар е на респираторна машина и таа е во критична состојба, непроменета од вчера.


Преку „Мој термин“ ќе се закажува земање брисеви за коронавирус

Од понеделник, лицата кои сакаат да се тестираат за коронавирусот, доколку ги исполнуваат критериумите според утврдените алгоритми, тоа ќе можат да го сторат преку матичните лекари преку „Мој термин“, извести министерот за здравство Венко Филипче.

Преку „Мој термин“ ќе се закажува земањето брисеви на двата пункта во поликлиниките „Јане Сандански“ и во Чаир.

Од денеска ќе почне да функционира и кол-центарот во Здравствен дом – Скопје, а телефонскиот број дополнително ќе биде објавен во текот на денот, со оглед на тоа што телефонските броеви во Институтот за јавно здравје се преоптоварени. На овие броеви можат да се јават сите лица на кои им требаат дополнителни информации во врска со коронавирусот или да се јават доколку имаат симптоми на вирусот.

Филипче извести дека здравствените работници се целосно мобилизирани и дека се третираат само итните и малигни случаи.