Две и пол илјади заштитни маски за повеќекратна употреба, 38.050 ракавици и 100 антисептик-гелови ќе добијат полицајците од СВР Охрид, како и колегите од подрачните единици, во рамки на Програмата за прекугранична соработка ИПА ИИ меѓу Македонија и Албанија.

– Би сакал да изразам благодарност до Европската унија за прифаќањето на пренамена на буџетот за реализација на донацијата. Полициските службеници се дел од првите редови кои помагаат во борбата против оваа криза предизвикана од ковид-19. Соработката меѓу Северна Македонија и Албанија ќе продолжи. Меѓуграничната програма е многу важна за развој на градовите од обете страни на границата, можности за напредок на заедницата, но и за добрососедските односи и поддршка за членство во ЕУ – изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Буџетот за донацијата изнесуваше 10.000 евра, кои беа подеднакви како за земјава така и за соседна Албанија.

– Донацијата од Програмата за прекугранична соработка ИПА 2, меѓугранична соработка на Македонија и Албанија доаѓа во вистинско време и ќе ни помогне да бидеме поефикасни во реализацијата на задачите за поуспешна борба во сузбивањето на корона вирусот. Денеска со ова покажавте грижа за здравјето на полициските службеници и искажавте поддршка на СВР Охрид – потенцираше Илија Милески, началник на СВР Охрид.

Инаку, сто и педесет пакети со храна за социјално загрозените семејства погодени од пандемијата ковид-19 во Елбасан и Грамш, Албанија беа донирани од Програмата и примопредадени од страна на тамошните власти.