Фото: Игор Бансколиев

„Нова Македонија“ имаше увид во вакцинацијата на здравствените работници во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести, со која денеска почна долгоочекуваниот процес на имунизација во Македонија.

Денеска е предвидено да бидат вакцинирани 260 здравствени работници.

Прв се вакцинираше медицинскиот персонал што работи на Инфективната клиника во Скопје. Пунктот во модуларната болница, каде што има шест вакцинални позиции, ќе работи во две смени, од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствниот дом Скопје.

Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути. На секој здравствен работник што ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Министерот за здравство  Венко Филипче истакна ќе бидат вакцинирани сите пријавени четири илјади здравствени работници за првиот бран на вакцинација, кои работат со ковид-пациенти.