Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со заменик министерот, Арменд Арслани, се сретнаа со докторите на медицина, кои месецов го положија стручниот испит и добија лиценца за работа од Лекарската комора.

Станува збор за вкупно 66 новолиценцирани доктори на медицина, од кои повеќе од половина изразиле желба да работат со пациенти со ковид-19.

– На средбата младите доктори ја поздравија измената на Законот за здравствена заштита од јануари, минатата година, со која се овозможи секој дипломиран доктор кој се стекнал со лиценца веднаш да почне со шестмесечна пракса за која првпат добиваат надомест од 30.000 денари месечно – соопштија од Министерството за здравство.

Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.

Од МЗ велат дека овие мерки се поттик за младите лекари да ја продолжат дејноста во државата, имајќи предвид дека тие се иднината на нашето здравство.