Нема потреба од нова вонредна состојба, соопшти претседателот Стево Пендаровски.

Тој кажа дека ниту една од претходните четири вонредни состојби не биле воведени поради бројот на заразени и починати лица од коронавирус, туку за да може Владата да носи мерки во социјалната, економската и здравствената сфера.
– Споредбите за бројот на заразени се без основа, а за полициски час постои законска регулатива и не мора да се воведе вонредна состојба за тие мерки – кажа Пендаровски.

Друга заблуда, додаде тој, е дека вонредната состојба има врска со датумот на избори.

– Да појаснам – избори може да се одржат и во вонредна состојба – кажа Пендаровски.

Пендаровски кажа дека добил информации од Владата дека се обезбедени доволни количини на медицинска и заштитна опрема, донесени се економски мерки за поддршка на националната еконимија за кои постои покритие во буџетот.

Исто така, кажа Пендаровски, Владата не поднела барање за продолжување на вонредната состојба.