За одлуката на МПЦ, верниците да се причестуваат од иста лажичка, да јадат леб од иста рака, односно, храмовите за Велигден да бидат отворени, претседателот Стево Пендаровски посочува дека не гледа зошто во моменти кога папата или најсветите места во Саудиска Арабија ги затвориле храмовите, нашите верски заедници не би го почитувале тоа.

– На 20 март, оваа година, саудиските власти донесоа одлука за затворање на двете најсвети џамии за секој муслиман во светот, бидејќи таква е ситуацијата. Бидејќи здравјето на верниците е најважно и во оваа ситуација без преседан, секој верник, ќе најде начин на поинаков начин ќе најде да ја практикува верата. Ако тоа го прави папата или најсветите места, така да се однесуваат и да бидат дури затворени во оваа ситуација, не можам да видам зошто нашите верски заедници тоа не би го почитувале – рече Пендаровски.

Тој вели дека го поздравува тоа што МПЦ и ИВЗ постојано повторуваат дека сите верници треба да се придржуваат до мерките на Владата, меѓу која е и да се ограничи движењето.

– Да не излезе дека јас ја критикувам политиката на раководствата на најголемите верски заедници кај нас, треба да го кажеме и тоа дека раководствата на МПЦ и ИВЗ, до овој момент, во сите свои јавни објави и во сите настапи ги поддржуваат мерките на Владата и апелираат до верниците најсветите празници да ги поминат во домашни услови или со почитување на препораката да нема повеќе од петмина во еден простор. Има време кога ќе заврши пандемијата и да се вратиме на практикување на верата онака како што тоа, секоја од верите налага – кажа Пендаровски.

Претседателот рече дека прописите важат за сите, без разлика на која вероисповед припаѓаат.

– Во нашата држава никој не смее да биде привилегиран, ниту да биде дискриминиран по верска, религиозна основа. Ниту еден верник не може да има повеќе права од оние кои не се верници или верник од една вероисповед да има повеќе права од некој од друга вероисповед. Следната недела почнуваат рамазанските пости кои ќе траат еден месец. Значен дел од нив се одвива во време кога треба да има полициски час. Како ќе се поставиме сега, така државата мора да се постави и кон припадниците на друга вероисповед. За припадниците на било која вероисповед, правилата, прописите, уредбите на Владата, важат и за нив, важат и за мене, важат за било кој во оваа држава и мора да се почитуваат без резерва. Не може да се прегледува низ прсти на една категорија луѓе, а за друга да не важи – рече Пендаровски.