Претседателот Стево Пендаровски во телефонски разговор му се заблагодари на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за медицинската опрема којашто пристигна од Турција. Македонскиот претседател рекол дека сојузништвото и солидарноста меѓу државите се важни во овие тешки денови кога на глобално ниво заеднички се справуваат со епидемијата на ковид-19.

– Истовремено, претседателот Пендаровски изрази солидарност и поддршка за Турција во напорите за справување со ковид-19 со оглед на тоа дека Турција е меѓу десетте најпогодени земји со близу 40.000 инфицирани и над 800 починати лица. Во тој контекст упати сочувство за починатите и посака скорешно закрепнување на заболените со ковид-19 – соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Во врска со состојбата во Македонија во справувањето со епидемијата на ковид-19 и отстранувањето на последиците од истата, претседателот Пендаровски го информирал Ердоган дека ситуацијата е стабилна, меѓу останатото и поради фактот дека Македонија меѓу првите земји во регионот ги започна активностите за справување со пандемијата. Во овој контекст, Пендаровски додал дека државата се подготвува за предизвиците со кои се очекува да се соочи економијата по надминувањето на пандемијата, потенцирајќи ја притоа важноста на силните економски врски меѓу двете држави.

– Двајцата претседатели изразија задоволство од одличните билатерални односи, а претседателот Пендаровски му се заблагодари на претседателот Ердоган за долгорочната и значајна поддршка од страна на Турција за остварување на една од нашите стратешки цели – членството во НАТО, каде досегашното партнерство ќе продолжи во нов контекст меѓу две членки на алијансата – се наведува во соопштението.