ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија меѓусебно продолжуваат да се обвинуваат за состојбата со ковид-19 и бројот на новозаболени во државата.

Додека власта бара вина кај министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поради недејствување од страна на полицијата за непочитувачите на мерките, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека за состојбата виновни се лидерот на СДСМ, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, на кои приоритет им било одржувањето на избори.

– Наќе Чулев е закана за здравјето, неговата неодговорност поттикна прекршување на мерките и забраните. Христијан Мицкоски, Наќе Чулев и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ свесно го рушат системот за заштита од коронавирусот и предизвикуваат негово натамошно ширење. Целата јавност сведочеше на масовно непочитување на мерките и забраните додека полицијата на Чулев не преземаше ништо. Тоа придонесе прекршувањата на мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот, да станат побројни, што директно влијае врз зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирус – велат од СДСМ од каде бараат Чулев веднаш да поднесе оставка.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведува дека во ситуација со рекорно заболени лица, СДСМ и Заев уште зборуваат за избори на 5 јули.

– Македонија е рекордер во регионот на милион жители и по број на заразени и по број на починати лица. Од друга страна веќе сме рангирани на 103-то место во светот, односно сме на листата на небезбедни држави по однос на справување со епидемијата. И самите граѓани во Македонија сметаат дека исклучително лошо се справуваме со епидемијата во однос на земјите во регионот кои бележат далеку подобри бројки во однос на Македонија. Тоа не е доволно за СДСМ да се откажат од идејата да се одржат брзи избори со цел да се намали изборниот пораз и на тој начин да се спаси кариерата на Зоран Заев. Народот гледа дека наместо здравјето и животите на луѓето, битна им е политиката на Заев, Филипче и СДСМ кои пред две недели прогласија нова нормалност. Во ситуација кога и во СДСМ се создава кластер на заболени, кога носат мерки за карантин на поголемите градови, а нивните функционери заминуваат по викендици и хотели, Заев и Филипче размислуваат само на нивните партиски интереси – наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.152, бројката на оздравени пациенти е 1.653, на починати 156, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.343. Вчера беа регистрирани 127 нови случаи на ковид-19.