И додека производствениот сектор ги живее најтешките денови во последните неколку години, поради коронавирусот, дотогаш трговијата која се бави со прехранбени артикли, средства за хигиена и пијалоци, рапидно го зголеми својот промет, бидејќи граѓаните притиснати од пандемијата со ковид-19 речиси целокупната заработка ја трошат во маркетите.

 Така повеќе од два месеци во маркетите низ Кичево гужвите се вообичаена појава, а вработените признаваат дека имаат многу повеќе работа за разлика од претходните месеци.

– Пандемијата со коронавирусот и стравот на граѓаните да не останат без некои неопходни намирници, ги присили во повеќе наврати да купуваат и многу поголеми количества од вообичаеното. Така се купуваат и артикли кои и не се трошат брзо, како паштети, сардини, брашно, производи од брашно, тоалет, средства за хигиена и др. Во изминатиот период поради зголемената потрошувачка прометот се подигна на многу повисоко ниво, а тој тренд продолжува и понатаму. Сега прометот е без осцилации, за разлика од претходно кога се бележеше зголемена потрошувачка единствено кога се исплаќаа пензиите или плата добиваше јавната администрација и некои поголеми компании во градот. Се добива впечаток како луѓето сите расположливи средства да ги трошат за храна и ретко кој размислува да зачува некој денар за сезонска гардероба или да планира летување – велат вработените еден маркет во средиштето на Кичево.

Ако прошетате низ градот ќе забележите зголемен број граѓани со торби, што  е редовна појава од средината на март или од појавата на коронавирусот.

– Не можевме ни да претпоставиме дека во овие два месеци ќе имаме толку работа. Стока се доставува речиси секој ден, но поради големата потрошувачка залихите брзо се трошат. Се купува сѐ и сешто и нема муштерија кој ќе влезе во маркетот а да не замине со полна количка стока. Интензитетот на промет е доста висок, така што денес независно од периодот на денот прометот е ист. Ширината на артикли кои се пазарат е речиси неограничена и се добива впечаток сѐ што се нуди се купува како до сега воопшто  да сме го немале – додаваат од друг маркет.

Се чини овој интензитет на промет ќе продолжи сѐ дотогаш додека трае пандемијата со коронавирусот. Граѓаните сѐ повеќе се дисциплинирани, во маркетите, на шалтерите од банките и на други места, задолжително носат заштитни маски и го одржуваат неопходното растојание кога чекаат на ред за наплата, без притоа да ги кометираат овие правила на однесување.