Денеска во Битола, градот во кој во последно време расте бројот на заразени од ковид-19, се пријавени 2 нови случаи, кои според информациите од Центарот за јавно здравје се меѓусебно поврзани, а се поврзани и со претходно регистрирани позитивни случаи.

Тоа што ги исплаши битолчани е што новорегистрираните позитивни на коронавирусот се на возраст од 18 години, што е само уште една потврда дека пандемијата не ги штеди ни младите.

Инаку според инфмациите од Центарот за јавно здравје – Битола, кој го покрива регионот Битола, Кичево, Ресен и Демир Хисар, заклучно со денешниот ден земени се вкупно 1.926 брисеви за ковид-19, од кои 1.108 по епидемиолошки индикации, 488 преку упатување од матичен лекар преку системот „Мој термин“ и 330 брисеви од вработени во градинки за скрининг. Позитивни резултати за ковид-19 се добиени кај 401 лице, од кои 116 се со место на живеење во Битола, 118 во Кичево, 24 во Демир Хисар и 143 во Ресен.

Според досегашните тестирања на заболувањето, кај 197 лица болеста е во тек и тоа 58 од Битола, 80 од Кичево, 36 од Ресен и 23 од Демир Хисар, 192 лица се оздравени, а кај 12 лица болеста имаше смртен исход. Во Битола бројот на активни случаи е 58, од нив 18 лица се хоспитализирани, а 40 се на домашно лекување.

Од вкупниот број на лица каде болеста сѐ уште е во тек, 19 лица не даваат податок за контакт со потврден позитивен случај, а останатите 39 активни случаи даваат податок за контакт и тоа: 19 лица се поврзани директно, или индиректно со текстилна компанија, а останатите 20 лица се поврзани во помали фамилијарни/работни кластери.

Во последниве 3 недели бројот на заболени лица во Битола, Демир Хисар и Кичево е во благ пораст. Особено расте бројот на младите битолчани кои не ги почитуваат мерките за заштита.

М.М.