Граѓаните сè повеќе сакаат да се информираат од професионални и веродостојни извори - Фото: Игор Бансколиев

Имено, поради рестриктивните мерки повеќе банкарски филијали, наплатни пунктови, продавници за разна стока, државни институции се затворени, па нивното работење се префрли на интернет, а доставата е директно на домашна адреса

Пандемијата на вирусот ковид-19 буквално ги затвори луѓето во своите домови, а во такви услови се случува целосна реорганизација на функционирањето на сите сектори, па граѓаните почнуваат да ги добиваат услугите на врата.
Имено, поради рестриктивните мерки повеќе банкарски филијали, наплатни пунктови, продавници за разна стока, државни институции се затворени, па нивното работење се префрли на интернет, а доставата е директно на домашна адреса.
На мобилните телефони постојано пристигнуваат информативни пораки од типот „купување од фотелја“, при што се нудат попусти и до 50 отсто.
Неодамна и МВР најави дека личните карти и возачките дозволи ќе ги доставува на домашна адреса, без да мораат граѓаните да одат таму и да се изложуваат на непотребен ризик од можна зараза со коронавирусот.

Дури и супермаркетите нудат онлајн-продажба на секакви продукти, испорачувајќи им ја нарачката на своите купувачи директно во нивниот дом.
Во таа насока, зголемено барање за доставување на домашна адреса има и за првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, како професионален и релевантен информатор за сите случувања на домашно и на глобално ниво.
Ако ситуацијата со вирусот почне да ескалира, некои земји веќе најавија дека можеби ќе воведат и 24-часовна забрана за движење на граѓаните, така што доставата на производи на домашна адреса ќе стане единствена опција.

– Искрено, какво време дојде на човек да му е страв да појде и до продавница. Добро е што во последно време повеќето фирми нудат купување од дома, а и доставата е на домашна адреса. Работиме од дома, плаќањето на сметките претходно го префрлив преку интернет, пазарувам исто преку интернет бидејќи некои наши супермаркети нудат достава на купената стока до дома, а сега дури може и мебел и техника да се набавуваат преку компјутер, така што како тргнала работава, нема да мораме воопшто и да излегуваме – вели Јована Миладиновска, економистка.
Според неа, ваквиот начин на купување значително го олеснува функционирањето на граѓаните.

– Јас како економистка можам да кажам дека ваквиот начин на тргување е одличен за сите. Муштериите можат да добијат поголеми попусти, компаниите нема да имаат потреба од закупи на продажни салони, туку стоката може да се доставува директно од дистрибутивните центри, а со тоа можат делумно и да ги намалат цените – појаснува Миладиновска.
И некои од компаниите со кои се консултиравме, потврдуваат дека од воведувањето на рестриктивните мерки за полесно справување со пандемијата на коронавирусот им пораснала продажбата преку интернет.
– Има зголемена продажба во последно време. Граѓаните нарачуваат секаква стока, а бесплатната достава се одвива до нивните домови. Постојано се јавуваат, сакајќи да се информираат како да ја направат нарачката – велат одговорните за продажба во еден поголем синџир за техничка стока.

Сличен став имаат и од компанијата ЈУСК.
– Затворањето на трговските центри нè мотивира дополнително и нѐ охрабри официјално да го пуштиме тој проект на е-трговија и да се насочиме кон негова поголема реализација. Нашиот пазар го овозможи тоа и нашите граѓани сè повеќе се заинтересирани за пазарување од дома – вели Агрон Беџети, директор во ЈУСК.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија велат дека купувањето на овој начин е безбедно, но под услов да се купува од реномирани компании.
– Безбедно е купувањето од реномирани компании, кои се регистрирани во Централниот регистар. Тие со производот на вашата врата доставуваат и фискална сметка, така што имаат и обврски кон своите муштерии доколку има проблем со некој производ – велат од ОПМ.

Оттаму уште апелираат да се избегнуваат купувања преку Фејсбук, бидејќи домашната регулатива не се однесува на ваквите набавки.
– Да се избегнуваат купувања преку Фејсбук, некои анонимни онлајн-продавници и веб-сајтови. Имаше случај граѓани да порачаат заштитни маски, а да добијат некакви крпчиња. Обично потоа не можат да ги рекламираат, телефоните што биле оставени на таквите сајтови не функционираат, така што граѓаните се практично измамени – нагласуваат од ОПМ.

Несомнено новите технологии во услови на целосна изолација на луѓето се покажуваат полезни. Купувањето од дома стана светски тренд, а во време кога заканата од вирусот ковид-19 станува сè поголема, ваквите услуги стануваат и единствен начин за задоволување на секојдневните потреби. Можеби единствена аномалија кон која води ваквиот начин на функционирање е целосната отуѓеност меѓу луѓето.