Пазарниот инспекторат со ленти го запечати ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица, каде минатиот викенд се правеа журки. Затворањето доаѓа откако првиот пат клубот доби кривична пријава за организацијата на забава, па продолжи со работа и следната вечер правеше нова забава. Сега, „Аватар“ ќе остане затворен се до донесување на протоколи за работа на ноќните клубови од страна на Комисијата за заразни болести кое е во тек.

Забавите во струмичкиот ноќен клуб се одржуваа време кога во Македонија беа регистрирани рекордни 240 за едно деноноќие. Од снимките евидентно беше дека журките поминале со гужви, турканици и неконтролиран влез. Никој од присутните, не одржувал дистанца, ниту пак, носел маски за заштита од вирусот. На забавите настапувале популарни артисти од државава.

Предмет од Обвинителството, за одржана забава во време на пандемија е отворена и за клубот „Калипсо“ во Прилеп. Забавата била пријавена во Пазарниот инспекторат, но, додека да дојдат инспекторите, местото било испразнето. Од снимките по социјалните мрежи се гледа дека организаторот не внимавал ниту на бројноста на посетителите. Сега, обвинителите постапуваат по допрен глас бидејќи се сомневаат дека клубот и неговиот управител не постапиле според здравствените прописи во време на пандемија.

Пазарниот инспекторат веќе најави дека во периодот кој следува, па се до донесување на протоколите за работа, сите ноќни клубови, но и објекти каде се одржуваат забави, ќе бидат веднаш затворани и гонети пред надлежните органи.