Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека во Охрид, на семејна прослава на која имало околу 200 луѓе, има осум позитивни на коронавирусот, додека 40 контакти се во изолација.

Друг нов кластер има во Скопје, каде што имало свадба на која биле присутни 100 лица. Од нив, досега се евидентирани 14 позитивни на ковид-19.

Филипче рече дека епидемиолозите во случајов имале голем проблем, бидејќи присутните на свадбата одбивале да соработуваат.

Според него, голем проблем во земјава претставува фактот што голем број од заболените од коронавирусот не даваат точни податоци на епидемиолошката анкета и одбиваат да ги кажат контактите.

– Уште еднаш апелирам, да се кажуваат точни податоци, бидејќи имаме неколку случаи во кои заради неточни податоци повеќе здравствени работници сега се во изолација. Оваа битка здравствените работници не можат да ја добијат сами – рече Филипче.