За градинките ќе има посебен протокол за работа / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека учениците остануваат дома, се разгледуваат варијанти како да се отворат градинките, оти се очекува, по евентуалното укинување на вонредната состојба,
поголем број луѓе да се вратат на своите работни места, така што ќе мора да се најде решение за згрижување на нивните деца што нема кој да ги чува

Плановите за ублажувањето на антикорона-мерките пред нов предизвик

Со постепеното олабавување на рестриктивните мерки воведени заради справување со пандемијата на ковид-19, повеќето соседни држави започнаа со најави за отворање на градинките и на училиштата, кои беа први затворени по избувнувањето на пандемијата. Во Македонија, пак, министерот за образование Арбер Адеми беше категоричен дека учебната година за учениците ќе заврши преку настава од далечина, без да се враќаат во училишните клупи.

– Како можеме да им наложиме на деца од прво одделение да држат физичка дистанца? Не се виделе неколку месеци и мислите нема да се гушнат кога ќе се видат? Не сакаме образовните институции да бидат жариште на ковид-19 – истакна Адеми, притоа додавајќи дека училиштата ќе останат затворени оваа учебна година.
Но додека учениците остануваат дома, се разгледуваат варијанти како да се отворат градинките, оти се очекува по евентуалното укинување на вонредната состојба поголем број луѓе да се вратат на своите работни места, така што ќе мора да се најде решение за згрижување на нивните деца што нема кој да ги чува. Родителите се загрижени за здравјето на своите деца, но, од друга страна, не гледаат поинакво решение доколку работодавците ги повикаат на работа откако ќе се укине вонредната состојба.

– Веќе два месеца сум дома, бидејќи имам две малолетни деца, кои поради ситуацијата не можеа да одат во градинка. Не знам што ќе се случува понатаму, бидејќи најверојатно од јуни, ако не и порано, мојот газда ќе побара да се вратам на работа, така што нема кој да ми ги чува децата – вели Стефанија К., мајка на предучилишни деца.
Таа додава дека е исплашена од самата помисла дека ќе мора да ги носи децата во градинка само по две недели откако бил достигнат врвот на коронавирусот.
– Прво велеа дека децата не заболуваат, па излезе дека и тие заболуваат. Не ми е јасно како ќе се обезбедат услови во градинките, како децата ќе се држат на дистанца. Тие и без короната, постојано беа болни. Една недела ги носиш во градинка, две недели седат дома болни. Едноставно не знам што ќе се случува – загрижено вели Стефанија К.

Комисијата за заразни болести веќе разговарала за отворање на градинките, што би требало да следува со олабавувањето на мерките. Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека за градинките ќе има посебен протокол за работа, со оглед на тоа што постои ризик децата да бидат во трансмисија на коронавирусот.
– Сè уште траат консултациите, за што ќе стапиме во контакт со самите градинки за да се изработи посебен протокол. Свесни сме дека навистина е тешко и тоа е голем предизвик, затоа што децата нормално дека се во ризик да бидат трансмисија на болеста. Многу тешко таму може да се одржуваат правилата. Сакаме да донесеме план што ќе може да се спроведе. Градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа – рече Филипче, притоа додавајќи дека во следните денови ќе се знае како би работеле тие.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека сè уште нема донесено никаква одлука за отворање на градинките.
– Сè уште е рано за отворање на градинките. Во моментот се прават анализи, но не е донесена никаква одлука за тоа дали и кога би се отвориле градинките. Како и да е, наскоро ќе информираме за оваа проблематика – одговорија кратко од Министерството за труд и социјална политика.