Секретаријатот за европски прашања ќе му помогне на Институтот за јавно здравје во зголемувањето на капацитетот за тестирање, со цел побрзо олеснување на рестриктивните мерки, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој денеска го посети Институтот.

Тој ја оцени како исклучително добра работата на Инститот во борбата против пандемијата и рече дека при денешната посета станало збор за зголемување на капацитетите и подобрување на условите за работа во овој институт.

– Разговаравме за капацитетите за тестирање и што може Секретаријатот за европски прашања покрај обезбедената една дополнителна PC машина и 5 илјади тестови преку Агенцијата за атомска енергија за дополнително зголемување на капацитетите, бидејќи потребата за зголемување на капацитетите за тестирање ќе биде исклучително важна сега во услови кога Владата веќе разговара за пакет на олеснителни мерки односно за замена на рестриктивните мерки со меки мерки, бидејќи особено во такви услови ќе треба капацитет за тестирање, детектирање и изолирање на сите случаи, со цел спречување на повторно проширување на болеста – рече Османи.

Вицепремиерот бил информиран за денешното зголемување на бројот на позитивните случаи во споредба со претходните денови. Сепак, како што кажа Османи, време е за внимателно заменување на цврстите мерки со меки мерки.

– Разговаравме и со епидемиолозите и вирусолозите и за изборите и изборниот процес, како тие го предвидуваат, го гледат тој процес. Нивен став е дека во услови кога и да се одржат изборите ќе треба да се одржи физичката дистанца заштитната опрема, односно маска итн. и врз основа на тие критериуми сепак политичарите треба да донесат одлука дали и кога е можно да се одржат избори имајќи ги во предвид овие критериуми што ќе ги утврди Комисијата за заразни болести. Нашиот став останува дека Комисијата треба да каже дали изборниот процес го загрозува или може евентуално да го загрози индивидуалното или колективното здравје на граѓаните и дека политичките одлуки треба единствено да е засновуваат на одлуките на епидемиолозите односно на професионалните одлуки на Комисијата за заразни болести – истакна Османи.