Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава, одржа видео конференциски состанок со Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава, во насока на претставување на потребите, согледување на можностите и соодветна координација на донациите и директната поддршка за справување со предизвиците од пандемијата на ковид-19.

– Благодарам за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ, така и за досегашната билатерална поддршка која секојдневно пристигнува. Вклучувањето на Република Северна Македонија во Европскиот солидарен фонд, во Договорот за заедничка набавка на медицински средства, во цивилната заштита на ЕУ, преставува вистински показател за интеграцијата на земјата во Европската Унија, а директната билатерална поддршка на дело ја демонстрира европската солидарност, која ќе ни помогне од оваа криза да излеземе уште посилни – истакна Османи на почетокот од состанокот.

Во продолжение, Османи пред амбасадорите ги претстави активностите на Владата и на останатите тела за координација на активностите за справување со кризата, особено на улогата на Секретаријатот за европски прашања како институција задолжена за координација на целата странска помош во земјава, вклучувајќи ја и поддршката во справувањето со предизвиците од пандемијата.