Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, во присуство на Хамад Ал – Махмоод, вршител на должност Амбасадор на Државата Катар во земјава, на скопскиот аеродром ја пречекаа донацијата – помош за справување со ковид-19 од Катар.

Вицепремиерот Османи во името на Владата и од името на граѓаните, упати благодарност до вршителот на должност Амбасадор на Државата Катар во земјава, Хамад Ал- Махмоод, но и до народот на Катар за донираната помош за нашата земја.

– Се работи за голема количина, преку осум тони заштитна опрема која се состои од: близу петстотини илјади хируршки маски, околу 90 илјади трослојни медицински и хируршки маски, над 70 илјади заштитни маски N95;. Покрај маските, пакетот содржи и десетици илјади заштитни очила, заштитни шлемови, заштитни скафандери, заштитни ракавици – истакна Османи при што нагласи дека се работи за опрема која ни е потребна, која сериозно ќе ги зацврсти нашите капацитети особено во здравството и здравствениот систем, кои секако ја претставуваат првата линија на одбрана од коронавирусот.

– Обезбедувајќи ги овие донации од нашите меѓународни пријатели, обезбедуваме и сериозни заштеди во буџетот, што во време на соочување со економските предизвици од пандемијата е исто така многу важно – додаде Османи.

На примопредавањето на донацијата в.д. Амбасадотот на Државата Катар, Хамад Ал Махмоод нагласи дека денешната хуманитарна помош е донесена преку Катарскиот фонд за развој и во насока на поддршка на Владата на Република Северна Македонија во борбата против пандемијата ковид-19, притоа потенцирајќи дека нашата земја секогаш може да смета на помош и поддршка од државата Катар и изрази надеж дека оваа глобална пандемија наскоро ќе заврши.