Засега нема предлог до Кризниот штаб и Владата за воведување на полициски час во одделни општини низ Скопје, каде бројот на заразени постојано се зголемува, рече вицепремиерот Бујар Османи, според кого, колективните рестриктивни мерки не ги даваат резултатите. Тој кажа дека поголем број од новозаразените се во рамки на неколку семејства, но и покрај тоа, бројките се загрижувачки.

– Немаше таков предлог од Комисијата за заразни болести. Јас можам да кажам мој личен став дека тоа што го научивме од вирусот е дека ниту една колективна рестриктивна мерка, не е подобра од колективната свест и личниот ангажман од страна на граѓаните. Само доколку секој си е свој полицаец и се грижи за своето и здравјето на своето здравје е единствениот начин да се заштитиме. Колективните мерки очигледно не ги даваат резултатите. Овие случаи, овој пик денеска е зараза во тек на полицискиот час – одговори Османи запрашан дали е разговарано за воведување полициски час на општинско ниво во Скопје.

Тој рече дека вирусот е опасен, по што повика граѓаните да ги почитуваат мерките за социјална дистанца, носење заштитна опрема, како и забраната за групирање.

– Позитивни страни се што поголемиот дел од новозаразените се во рамки на неколку семејства, познати кластери, но сепак, бројките се загрижувачки, како и трендот со денешните 20 проценти од вкупниот број на тестирани. Комисијата ги прави анализите дали тоа е резултат на непочитување на личните мерки за заштита или други причини. Јас сакам да констатирам дека пандемијата е тука, вирусот е тука, и е опасен – рече Османи.