Граѓаните кои ќе го прележат коронавирусот, во следните 45 дена ќе можат да одат во кафеани и на настани без вакцина. Ова е новината која ја најави министерот Венко Филипче, а ќе биде дополнување на мерките кои од понеделник ќе се применуваат низ целата држава. Според него, тоа е доволен простор за граѓаните да имаат време да се вакцинираат.

– Освен бараниот сертификат за вакцина, ќе биде доволно да се приложи и потврда дека пациентот бил заболен од ковид во изминатите 45 дена. Сето ова ни укажува дека единствено решение е да се зголеми опфатот на вакцинирани. Се зголеми интересот по најавата за новите мерки. Ако граѓаните имаат дилема, сакам да ги охрабрам да одат да се вакцинираат. Одличен е одзивот по најавата за новите мерки – рече Филипче.

На прашањето колкав процент од заразените се лица кои биле на прослави, забави, свадби, министерот одговори дека анализата пред една недела покажа дека 40 отсто кажале дека биле на некаква прослава.

– Тоа не е чудо. И минатата година проблем беа кластерите каде имаше масовни собири – вели Филипче.

За евентуално воведување на мерки за влез и излез од Македонија, Филипче изјави дека ова е прв чекор со кој сакаат да ја поттикнат вакцинацијата.

Информациите кои се појавија во јавноста дека Срби доаѓале во Тетово за да им се изработат лажни сертификати за примена вакцина, Филипче посочи да се пријават во институциите.

– Ние имаме многу безбедни системи за пријавување и за покажување на сертификатите. Тоа е нашиот систем „Мој термин“ – рече министерот.