Ставот на министерот за здравство, Венко Филипче, и на Комисијата за заразни болести е кафулињата и рестораните да работат само надвор, односно да бидат отворени само летните тераси, а во јавниот превоз задолжително да се носат маски.

Кога ќе бидат отворени угостителските објекти и кои протоколи ќе треба да ги почитуваат, министерот Филипче вели дека ќе се знае до крајот на оваа недела.

– Сите протоколи ќе ги објавиме до крајот на оваа недела и очекуваме некои од нив да бидат во функција од следната недела – рече министерот Филипче потенцирајќи дека протоколите ќе содржат детаљни упатства за работење со мерки за заштита од коронавирусот.

Со посебен протокол ќе биде пропишано како и кога ќе се отворат и базените. Филипче рече дека постои можност за пренесување на вирусот во соблекувалните и најави дека начинот на кој ќе се користат, ќе биде посебно уреден. На ист начин ќе се уреди и одржувањето тренинзи, како и работата на сите други спортски објекти.