Фото: Игор Бансколиев

Од понеделник ќе се дозволи имунизирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, која во овој момент е единствена вакцина дозволена да се користи во согласност со препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца и за оваа возраст, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој потсети дека почнувајќи од понеделник (12 јули) вакцинацијата во државата ќе се одвива без закажување термини.

Почнува и теренската вакцинација, која ќе се врши преку здравствените домови, а во изјавата Филипче најави дека ќе се одобри вакцинација и за децата. Според препораките, децата од 12 до 16 години ќе се имунизираат исклучиво со вакцината на „Фајзер“, чие упатство од производителот го дозволува тоа.

Вакцинирањето што поголем број граѓани ќе овозможи заштита од ширење на епидемијата.

Спуштањето на возрасната рамка за лицата што се вакцинираат, како што појасни Филипче, ќе ја намали веројатноста за ширење на вирусот од страна на младите. Со вакцинација се овозможува заштита од преносливост на новите соеви и заштита од тешка форма на болеста или смртен исход, велат од Министерството за здравство.