Фото: Маја Јаневска-Илиева

НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА СТУДЕНТИТЕ И ЗА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

По тридневниот карантин и новиот висок врв на ширење на заразата деновиве, студентите се соочуваат со уште еден предизвик на полагање на испитите во живо, со директно физичко присуство. Веќе за денеска на некои факултети се закажани испити и испрашувања, кои не е јасно како ќе се спроведат. Дали можеби некој експериментира и со здравјето на студентите и како тоа прекуноќ и во период на најголемо ширење на заразата онлајн наставата се претвори во испрашување во живо

По целосниот карантин од 80 часа за продолжен викенд и во време кога рушиме рекорди со новозаразени лица со ковид-19, некои факултети при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ закажуваат полагање испити во јунската сесија за студентите, со физичко присуство на факултет. Студенти реагираат дека се плашат да го ризикуваат своето здравје, а особено на опасност се изложени оние што ќе мора да патуваат со меѓуградски превоз до главниот град за да се појават на испит.
Реакции за истото тоа од студенти пристигнуваат и до Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
– Пристигнуваат реакции и тие се сосема разбирливи. Во однос на испитите, наш став е дека не може да се наметне начинот на полагање на професорите, но во однос на организирање на сесијата, факултетот треба да се координира со студентите, па затоа има повеќе рокови за полагање. Ако не полагаат сега во сесијата, ќе може да одберат подоцнежен датум за полагање. Сесијата ќе биде поделена на повеќе декади и ќе може да изберат датум. Ние како Универзитетско студентско собрание бараме и роковите за полагање да се продолжени по септември, за да не се случи ситуација кога студенти што не можеле да присуствуваат или од други оправдани причини не можеле да го полагаат испитот, да бидат обесправени. Бараме и ќе издејствуваме сите рокови да се продолжат до јануари – вели Борјан Ефтимов, претседател на ова собрание.

Тој потсетува дека поради тоа што е можно да се случи одреден број студенти да бидат оштетени, сесијата е продолжена и ќе трае до 17 јули.
– На сите факултети се дадени повеќе термини за полагање. Има по два или три испитни рокови. Оние студенти што не сакаат да полагаат сега, ќе можат да полагаат во друг рок, кој почнува од 27 јуни и трае до 17 јули. На ниво на УКИМ не може да постои едно унифицирано правило во однос на полагањата, секој факултет, односно професорите во координација со студентите се договараат како ќе се постапи – додава Ефтимов.

На штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ испитите ќе се полагаат онлајн. На битолскиот универзитет полагањето ќе се спроведе со физичко присуство, а исклучоци ќе се направат за оние студенти што живеат подалеку и кои поради други причини не се во можност да одат на факултет.
На веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) е објавен протокол што се однесува на тоа како да постапуваат факултетите кога станува збор за полагање испити.

Фото: Игор Бансколиев

„Во просторијата каде што се изведува испитот високообразовната установа претходно ги означува местата на кои е дозволено седењето, со почитување на меѓусебното растојание. Присутните задолжително носат заштитна маска на лицето и ракавици. Во просторијата каде што се спроведува испитот задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, за да се обезбеди почитување на општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на рацете или употреба на дезинфекциско средство за раце на база на алкохол). При испит, доколку се користат определени ресурси, средства и материјали, потребно е задолжително истите тие да бидат дезинфицирани и при секоја наредна употреба истите тие повторно да се дезинфицираат. Просторијата во која се спроведува испитот/испитите е потребно почесто да се проветрува, по можност за време испитот и задолжително во текот на паузите. За време на паузите се забранува групирање на присутните, односно студентите во високообразовната установа. По завршување на испитите, потребно е просториите да се исчистат (особено работната површина на која се работело) и да се дезинфицира подот со средство што дејствува на вируси според упатство од производителот. Во просториите на високообразовните установи (внатрешниот дел) за испит и на излезот од објектот е потребно да се обезбеди канта за отпадоци со капак“, стои во протоколот.

Јавното здравје треба да биде приоритет, па затоа и професорите, односно факултетите треба да се внимателни во однос на организирањето испити.
Сепак, и покрај ваквите протоколи, неизбежно е чувството на страв и вознемиреност кај студентите што треба да полагаат во живо, особено по новите рекордни бројки на новозаразени и новиот бран на ширење на пандемијата. Притоа студентите стравуваат не само за своето здравје туку и за здравјето на своите најблиски, на кои евентуално би можеле да им го пренесат вирусот. Згора на тоа, нејасно е колку во едни вакви околности на стрес и страв од зараза може да се биде психолошки концентриран и подготвен за полагање, реагираат некои од студентите.