Фото: Игор Бансколиев

Од денеска забраната за движење на населението и на возила од јавниот превоз на целата територија на државата, наместо од 20 часот, ќе важи од 21 до 5 часот наредниот ден, по измените што ги прифати Владата на вчерашната седница.

Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан-бајрам.

Почнувајќи од денеска, сите угостителски објекти може да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти, и тоа до 20.30 часот по што треба да бидат затворени за посетители.

Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе може да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично останува.

Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата што се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и досега.

Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните – протоколот за отворање и работа на кафетериите, протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и одлуката за превентивни препораки, привремени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19.

Во согласност со препораките на Комисијата останува забраната за работа на сите вежбалници, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање во затворен простор, а дејноста може да ја обавуваат на отворен простор во согласност со соодветниот наменски протокол.