Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска присуствуваше на примопредавањето на нови респиратори, обезбедени во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Во првата фаза се испорачани седум респиратори, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи низ државата каде се третираат вакви случаи, а во претстојниот период е предвидено да се обезбедат уште три вакви апарати.

– Станува збор за најнова генерација на респиратори од реномираниот германски производител Дрегер, во вкупна вредност околу 140 илјади евра. Тие служат како за инвазивна, така и за неинвазивна терапија, а може да се користат за лекување и на деца и на возрасни. Ова е значајно зајакнување на капацитетите за справување со вирусот, имајќи предвид дека ваква респираторна поддршка е потребна за една сериозна група заболени лица – изјави министерот Филипче.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани истакна дека е потребно континуирано вложување во здравствените системи, со цел да бидат поотпорни на кризата.

Покрај поддршката на здравствениот систем, УНИЦЕФ обезбедува и дополнителни резерви на опрема за лична заштита и комплети за тестирање на вирусот, поддршка за воспоставување телефонска линија за помош на бремените жени и мајките со новороденчиња, дистрибуција на хигиенски пакети за најранливите заедници, поддршка за изработка на материјали за комуникација во време на криза, како и психо-социјална поддршка за децата и семејствата.