Министерството за здравство ја информира јавноста дека во изминатиот период се реализирани 16 дарувања на конвалесцентна плазма, од кои седум дарувања со постапка на клеточен сепратор и 9 преку стандартно дарување на целокупна крв.

– Со ова, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на исто толки пациенти со ковид-19 – информираат од ресорното министерство.

Од таму објаснуваат дека конвалесцентната плазма содржи антитела против коронавирусот создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на плазма може да се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19.

Коронавирусот е нова закана за јавното здравје поради брзото ширење и се прават огромни напори тоа да се спречи, па затоа од Министерството изразуваат голема благодарност до сите оние излекувани пациенти кои дарувале плазма.

Воедно од таму упатуваат апел до сите кои се соочиле со вирусот да даруваат плазма, истакнувајќи дека дарител може да биде секое лице кое е излечено од ковид-19 и кое ги исполнува условите за дарување наведени во протоколот.