Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ниското ниво на свест кај дел од граѓаните, вклучувајќи го и поведението токму на тие индивидуи, односно на групи граѓани, било регистрирано и потврдено дека во целост е спротивност на пропишаните мерки за безбедност. Надлежните институции прецизно ги идентификувале и ги лоцирале и како индивидуи и како група или колектив споменатите прекршители на законските прописи. Но, за жал, соодветна институционална реакција изостанала. Поради таквите состојби не се исклучува можноста Македонија да остане последната корона-карантин држава во Европа

Недисциплинираното и неодговорно однесување ја врати епидемијата на почеток

Недисциплинираното однесување на дел од македонските граѓани предизвика нов врв на коронавирусот во земјава, во време кога повеќето држави во регионот, но и во Европа, ги отвораат границите и го враќаат животот во нормала. Во спортски жаргон кажано, престап за таквата ситуација направија сите, од граѓаните, преку Комисијата за заразни болести, до политичарите, поради што не се исклучува можноста Македонија да остане последната корона-карантин држава во Европа.
Од тие причини, Македонците сè почесто се наоѓаат на списоците на кои им е забранет влез во други држави или, пак, во најдобар случај, да поседуваат негативен тест на коронавирус или да се согласат на 14-дневен карантин во туѓа држава, чиј трошок најверојатно ќе мораат и самите да го платат.

Последниот ваков случај е со Црна Гора, која најпрво дозволи влез на македонски државјани без задолжителен карантин, а потоа по разгорувањето на епидемијата во земјава ја промени одлуката и државјаните на Македонија ги стави на листата земји чии граѓани ќе мора да одат во 14-дневен државен карантин доколку сакаат да влезат во Црна Гора.
Претходно Хрватска воопшто и не дозволи влез за македонски државјани на нејзина територија, иста е состојбата и со БиХ, каде што за влез се бара негативен тест на коронавирусот во последните 48 часа, додека за влез во Србија е потребен негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. И за влез на Косово е потребен негативен тест не постар од четири дена, додека за Бугарија е предвиден 14-дневен карантин при влез во државата.

Грција првично дозволи влез на македонски државјани без тест и карантин, но по најновата ескалација на вирусот во земјава, не се исклучува можноста и границите кон јужниот сосед да останат затворени за Македонците или, пак, да мораат да минат во 14-дневен карантин.
– Навистина е срамота ова што ни се случува. Толку неодговорен однос на дел од граѓаните не можам да разберам. Лумпување по кафеани, преполни игралишта, продавници, верски објекти, па добро е што сме и под 100 заразени на дневна основа. Згреши и Комисијата што толку бргу ги олабави мерките, го укинаа полицискиот час, ги отворија кафеаните, па дури дозволија бесплатен превоз на пензионери во јавниот превоз. Сега и до избори ни дошло. Навистина мене како обичен граѓанин ми е просто несфатливо – вели Далибор Димитровски од Скопје.

Тој додава дека недисциплинираното однесување на поединци ќе доведе до изолација на државата.
– Ќе останеме затворени и изолирани. Сите држави ќе се отворат, ние ќе останеме како гето. И да не се лажеме, вината е само кај нас, никој друг не ни е виновен. А после ќе се задолжуваме оти економијата ќе ни стагнира – нагласува Димитровски.
Според професорката Мирјана Најчевска, вината за тоа што Македонија долги години е гето на Балканот е во луѓето што изминативе 30 години владееја со неа.
– Не може да се спроведат некакви мерки доколку граѓаните не веруваат дека државата може да се справи со одреден проблем. Тоа е така речиси 30 години Едноставно граѓаните не им веруваат на државните институции – вели Најчевска.
Таа додава дека не ја гледа вината кај граѓаните за настанатата состојба, туку дека на тоа му кумувале неконзистентните мерки што ги носеше Комисијата за заразни болести.

– Најпрво се одеше со драстични мерки, па потоа со поголемо олабавување, така што луѓето престанаа да гледаат смисла во донесените мерки и нормално е да не бидат дисциплинирани – констатира Најчевска
Според Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, државата дефинитивно се претвора во гето.
– Дефинитивно земјава се претвора во гето. Работата ја утнавме кога почнавме да правиме партиски и политички калкулации во целава состојба. Се случија пропусти при посетата на техничкиот премиер на Куманово, потоа дојдоа верските празници и непостапувањето на полицијата за време на полициски час, едноставно јавниот интерес не беше ставен пред политичкиот – смета Трошановски.

Тој додава дека на сето тоа треба да се придодаде и ниското ниво на свест кај дел од граѓаните, а поведението токму на таа група граѓани било во целост во спротивност на пропишаните мерки за безбедност. Надлежните институции точно ги лоцирале нив, и како индивидуи и како група или колектив прекршителите на законските прописи. Но соодветна институционална реакција изостанала. Токму тоа е една од клучните причини што доведува до нова ескалација на заразата во земјава, а тоа пак може да доведе до изолација на државата.