Делта-сојот го враќа карантинот во Европа

Ширењето на делта-сојот веќе ги враќа рестрикциите кај некои држави, каде што има и огромен процент на вакцинирани. Македонија, која сѐ уште е далеку од потребниот број имунизирани за колективен имунитет, засега не размислува на нови рестрикции. Дали надлежните здравствени власти имаат идеја и план за превенција пред опасноста од нов бран на крајот од летото и есента? Колку е опасен делта-сојот?

Намалувањето на рестриктивните мерки ги ослободи македонските граѓани, маските речиси и никој веќе да не ги носи, кафеаните до доцна во ноќта се полни, парковите со млади исто така. Македонија живее како пред пандемијата, многумина веќе се на плажите во соседните држави.

Епидемиолошката слика, која веќе еден месец е стабилна, го дозволува тоа, но паралелно на светот и на Европа ѝ се заканува нова опасност.
Ширењето на делта-сојот веќе ги враќа рестрикциите кај некои држави, каде што има и огромен процент на вакцинирани. Македонија, која сѐ уште е далеку од потребниот број имунизирани за колективен имунитет, засега не размислува на нови рестрикции.

Дали надлежните здравствени власти имаат идеја и план за превенција пред опасноста од нов бран на крајот од летото и есента? Колку е опасен делта-сојот?
Д-р Злате Мехмедовиќ, докторанд по јавно здравје, вели дека реално делта-варијантата на ковид-19 ја има во повеќе од 93 земји.
– Преносот на овој сој на отворено е 40 отсто и 60 отсто на затворено. Со тоа, ваквата зголемена преносливост може да се очекува да стане доминантна, исто како што беше случајот со британскиот сој – посочува д-р Мехмедовиќ.

Според него, Европскиот центар за кризи и болести посочил дека овој сој може да стане доминантен во земјите во Европа при крајот на август и почетокот на септември годинава.
– Овој сој за четири до 11 дена ги дуплира бројките на заразени, хоспитализирани и починати. Тоа значи дека иако сега имаме недетектирани случаи на делта-сојот, можно е многу брзо, односно за неколку недели од појавата на вакви случаи да имаме нестабилна епидемиолошка слика – посочува тој.

Од тие причини, вели докторот, светот се затвора, претпазливи се со цел да не се наруши добрата епидемиолошка слика.
– Вакцинација е решението за излез од епидемиолошка нестабилност на доминација на делта-сојот – заклучува тој.
Португалија ги враќа ограничувањата откако странски туристи предизвикале зголемување на нови инфекции со ковид-19, само еден месец откако државата дозволи патувања. Новите мерки ќе бидат воведени во регионот на Лисабон и во туристичкиот Алгарве Албуфеира, познат по плажите.

Властите се обидуваат да ја забрзаат вакцинацијата што е можно повеќе за да се ограничи ширењето на инфекцијата. Повеќе од половина од случаите во Лисабон се од варијантата делта, која е раширена во Велика Британија. Португалија беше единствената европска земја што се отвори за британските туристи со негативен тест против ковид-19.

Поради ширење на делта-сојот на коронавирусот, во центарот на Сиднеј и во четири предградија почнува еднонеделен строг карантин.
На луѓето што живеат или кои поради работа престојувале во четири дела од Сиднеј во последните две недели, им е наложено да останат дома и да излегуваат само за неодложни потреби. Властите во Нов Јужен Велс воведоа претходно задолжително носење маски во затворено, им забранија на жителите на седум населби да го напуштаат градот и ги ограничија домашни собири на пет лица, со цел да се спречи нов бран на пандемијата.

Носењето заштитни маски на јавни места во затворен простор повторно е задолжително во Израел. Одлуката е донесена откако во државата е регистрирано зголемување на бројот на лица заразени со новиот коронавирус, иако повеќе од половина Израелци веќе примиле две дози вакцина против ковид-19.

Во последниве денови, делта-сојот на коронавирусот сè повеќе се шири во земјата и има повеќе од 550 активни случаи, додека неодамна имаше помалку од 200. Израелските власти неодамна препорачаа да се вакцинираат сите деца на возраст од 12 до 15 години, а Министерството за здравство објави дека „во специфични ситуации“ ќе треба да бидат ставени во карантин и оние што биле вакцинирани или оние што прележале ковид-19.

Израелската влада одлучи да ја одложи одлуката за отворање на границите за вакцинирани туристи пред 1 август поради зголемувањето на бројот на заразени, најмногу со делта-сојот.