Фото: Зоран Антоски

Изминатите петнаесетина дена билтенот на излекувани од ковид-19 во Кичево е сѐ поповолен, бидејќи стагнира бројката на новозаболени а се бележат рекордни бројки на излекувани граѓани.

Така, во текот на изминатото деноноќие во Кичево има само тројца новозаболени, додека се бележи нов рекорд од 15 излекувани граѓани, што придонесе бројот на активни случаи да се спушти на 86, додека вкупниот број на оздравени се искачи на 170. Вкупниот број на заболени граѓани со ковид-19 изнесува 266, а 10 лица ја загубија битката со вирусот.

– Мораме да бидеме задоволни од најновиот билтен на оздравени граѓани. Така денес ја бележиме рекордната бројка на излекувани од 15 пациенти, додека во исто време регистрирани се само тројца новозаболени.

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот во Кичево регистрирани се вкупно 266 инфицирани граѓани, 86 се водат како активни случаи, 170 се излекувани и 10 починати. Учеството на починати во однос на вкупната бројка од ден на ден  е сѐ помала и тој факт сите треба да нѐ радува.

Тројцата новозаболени се лица со полесна клиничка слика како и поголемиот дел од 86-те активни случаи. И покрај сѐ подобриот биланс на оздравени во однос на новозаболени, сепак треба да бидеме дисциплинирани, во затворен простор задолжително да носиме заштитни маски, да држиме прописно растојание од најмалку 2 метри и да не се групираме, што секако ќе помогне овој тренд да продолжи и во наредните денови и седмици – информираа од Кризниот штаб.