Фото: Игор Бансколиев

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ Македонија е 883 и има околу 450 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 504 пациенти позитивни и суспектни на вирусот.

– Во болницата во Битола се хоспитализирани 30 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 19 пациенти, во Велес се лекуваат 28 болни, а во Куманово 75 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 50 пациенти, во Прилеп 59, во ковид-центарот во Гостивар 25, а во Струга 31 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 56 пациенти, во Кочани 18, во Кичево 12, Кавадарци 26, во Гевгелија 11 лица, а во Дебар 9 позитивни и суспектни на вирусот – се наведува во соопштението на ресорното министерство во кое се додава дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.