Маријана Станковиќ, психолог на СОС линиите за помош во пандемија

Има периоди кога линиите се вжештени. Состојбата во која се наоѓаме веќе подолго време е вонредна, но психолозите и психотерапевтите ги охрабруваат да побараат помош сите кои чувствуваат дека им е потребна, ним или на близок

Соочување со смртта на близок, со состојба кога некој се бори за живот во болничка постела, анксиозност по прележан ковид-19, депресија, панични напади, несоници, совети за тоа како да помогнат на најмалите или учениците, се само дел од причините поради кои граѓаните бараат помош на телефонските линии за психолошка поддршка во пандемијата. Беа отворени кога почна пандемијата, а со граѓаните разговараат психолози и психијатри.

– Најактуелна е линијата за возрасни, а најчесто се јавуваат лица кои се во самоизолација и кои се соочуваат со неизвесност. Како одговор, ние им даваме поддршка преку механизми за справување во тие ситуации, нудиме помош, совети и насоки како да го издржат тешкиот период во кој се наоѓаат. Се јавуваат и лица со пост-ковид состојби, кои го прележале вирусот, но кај нив се развила анксиозност. Тие се третираат психотераписки, со совети како да го надминат мачниот период, и доколку има потреба, ги поврзуваме со психијатри. Доколку пак, на линија е психијатар кој одговорил на повикот, тој може директно да им препише терапија и да ги внесе во „Мој термин“ – објаснува Маријана Станковиќ, клинички психолог и психотерапевт на Клиника за психијатрија.

Таа наведува дека разговараат и со лица кои претрпеле загуба за време на пандемијата и тешко се справуваат со тоа. Пандемијата, вели Станковиќ, ни го промени животот, нѐ натера да се сплотиме, но и да се справуваме со различни предизвици.

На пример, родителите на деца и адолесцентите, се соочуваа со почесто седење дома, со онлајн-наставата. Одредени деца се поподложни на промени, некои тешко се адаптираат на состојбите…

– Најчесто се јавуваат родители кои се интересираат за совет поврзан со излегување на децата надвор за време на пандемијата, како да се однесуваат кога ќе излезат, колку често да излегуваат, како да се справат со предизвиците на училиште итн. Поради пандемијата, се јавуваат и голем број депресивни состојби кај младите, кои попуштаат со успехот во училиште и тешко се адаптираат на новонастанатите ситуации – посочува Станковиќ.

Чест проблем кај граѓаните, нашата соговорничка вели дека е несоницата, а  пандемијата придонела до ескалирање на конфликтни ситуации во семејствата. На телефонските линии за психолошка поддршка често се јавуваат и родилките, кои прашуваат како да се заштитат, да разговараат за анксиозноста и напнатоста, како и за опасноста од потенцијална зараза.

Има периоди кога линиите се вжештени. Состојбата во која се наоѓаме веќе подолго време е вонредна, но психолозите и психотерапевтите ги охрабруваат да побараат помош сите кои чувствуваат дека им е потребна, ним или на близок.

– Не може да си рамнодушен кога често зборуваш со луѓе што се соочуваат со смрт на близок, со неизвесност зашто им се болни родителите или децата, имаат силни знаци на депресија, на анксиозност… Но сите си помагаме меѓу себе. Ние прво помагаме на оние кои ни се јавуваат. Потоа ние колегите се поддржуваме, си помагаме меѓу себе. Пандемијата е тешка, но не сплоти и не потсети на заедништвото – нагласува Станковиќ.

Универзитетска Клиника за психијатрија со поддршка на УНИЦЕФ ги отвори следните СОС-линиите: за психолошка поддршка на возрасни лица 072/919-009; за психолошка поддршка за деца, адолесценти и нивни родители 072/912-979, за психолошка поддршка за жени во бременост и после породување 078/378-766 и за психолошка поддршка на албански јазик 070/291-657.