Економскиот патриотизам не е нова економска политика, но тој е позитивен за домашните бизниси и државата би требало да го стимулира и по завршувањето на кризата со коронавирусот, тврдат некои од аналитичарите

Може ли економскиот патриотизам да им помогне на домашните економии

Отежнатото функционирање на светската и на домашните економии, поради вонредните околности што во глобални рамки ги предизвика пандемијата на коронавирусот, создаде клима во која економистите сѐ почесто го користат терминот економски патриотизам. Како се толкува таа појава во светот, во развиените економии, и каков е ставот на нашите економисти и професори?

Купувајте домашни производи повторно во тренд?

Американскиот магазин „Политико“, на темава пишува дека коронавирусот во Европа поттикна клима на економско дејствување на земјите за да ги свртат економиите самите кон себе и да го ослабат светскиот пазар, а со сето тоа се прекршуваат принципите на ЕУ.
Весникот наведува дека прва земја што презела ваков чекор била Франција, чиј министер за финансии Бруно Ле Мар издал јавен апел во тамошната јавност да се набавуваат производи што е можно повеќе од домашните фармери.
Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Маио, пак, во тамошната јавност започнал да ја презентира кампањата на италијанската влада, која го носи името „Купувај од Италија“
– Првата мерка што сите Италијанци можат да ја направат за својата држава е да започнат да купуваат само домашни производи – изјавил министерот во едно свое интервју на темава за телевизијата Раи уно.
Според лисабонскиот весник „Публико“, слични мерки презема и Португалија, чија влада, поддржана од синдикалните организации, започнала јавна кампања за купување производи изработени во земјата.
Во изјава за медиумот, директорот на Центарот за европски политики Фабијан Зулег, изјавил дека поттикнувањата да се купат локални производи наместо увезените се нормален одговор на европските држави во време на криза.
– Луѓето во овие моменти очигледно сакаат да ја поддржат економската активност во своите држави, но реалноста во рамките на Европската Унија е дека имаме меѓусебно зависен и интегриран единствен пазар – изјавил економистот, додавајќи дека овие кампањи за економски патриотизам во глобални економски рамки нема да ја променат меѓународната трговија.

Свртување кон сопствената економија

И во наши домашни услови, на овој план има размрдувања. Имено, двете најголеми партии изминатиов период, исто така, беа активни на оваа тема.
Претседателот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, презентира пакет од над 15 мерки, кои имаат цел свртување на државата кон сопствената економија за полесно надминување на економската криза, во која влегува Македонија по пандемијата на коронавирусот.
Во делот од предлог-мерките на социјалдемократите што можат да се протолкуваат како економско-патриотски, се оние наменети за сите приватни фирми погодени од кризата со директната помош со исплата на една минимална нето-плата по вработен (14.500 денари) за месеците април и мај, а за граѓаните што останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, секој месец во висина од 50 проценти од просечната месечна нето-плата на работникот за последните 24 месеци, односно во согласност со членот 68 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Од опозицијата, во видеообраќање, Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ неодамна апелира да се купуваат домашни производи, за да се обезбеди егзистенција за сечие семејство.
– Со купувањето производи од македонски компании ќе се обезбеди плата за работниците, работниците ќе купуваат производи од други компании и така ќе има за сите. Со купување македонски производи ќе ги спасиме работните места во компаниите, ќе ја потпомогнеме економијата, ќе ја помогнеме Македонија – вели Љутков.

Економскиот патриотизам е и солидарност кон домашните бизниси

Експерти со кои се консултиравме, пак, во сублимиран заклучок велат дека економскиот патриотизам не е нова економска политика, но тој е позитивен за домашните бизнисмени и државата би требало да го стимулира и по завршувањето на кризата со коронавирусот.
Сепак, аналитичарите истакнуваат дека економскиот патриотизам во овие моменти е корисен за големите економии, кои во најголем дел не зависат од увоз на странски добра и производи, од друга страна, тие прогнозираат дека истата мерка за Македонија би била со минимален ефект.
Универзитетскиот професор од Економскиот факултет Борче Треновски вели во нормална ситуација овие економски мерки не ѝ одат во прилог на земјата, бидејќи Македонија има мала економија, која 90 проценти зависи од размената со странство и сме увозно зависни од нашите трговски партнери во светот.

Професорот подвлекува дека, сепак, од друга страна, ние во моментов се наоѓаме во една специфична и неприродна ситуација со еден невообичаен непријател на нашата економија, и во вакви околности економскиот патриотизам би требало да се стимулира во делот на откупот на домашните производи и во делот на помошта на државата од откуп и пласман на продуктите на домашните производители.
Треновски истакнува дека оваа мерка не била актуелна само за времето на пандемијата, туку таа започнала да се применува од големите играчи САД и Кина извесно време и пред почетокот на кризата, кога овие економски сили започнале политики за протекционизам на домашните економии.

– За САД, на пример, е полесно да се сврти кон својата економија од Македонија, бидејќи Америка приближно 60 проценти од сопственото производство и во нормални услови го консумира сама, за разлика од нашата земја каде што 90 проценти од сѐ што апсолвираме се добива од увоз – вели Треновски.
Професорот истакнува дека неодамна и Обединетите нации информирале дека е возможно да се случи недостиг од храна, па во тој правец свртувањето на Македонија кон сопствените производители на храна и земјоделски производи би било добредојдено.
Аналитичарот Синиша Пекевски вели дека економскиот патриотизам како термин е познат со години, а тој сега доби нова димензија.
– Економскиот патриотизам е одлична мерка за поддршка на граѓаните и земјата на домашните фирми преку купување домашни производи, а оваа мерка и кога ќе се надминат состојбите со пандемијата, треба да биде константно стимулирана од Владата – вели Пекевски.

Тој објаснува дека е евидентно оти сега политичките партии во јавноста се залагаат за оваа форма, но потсетува и дека како економија, нашата е исклучително увозно зависна.
– Нашата земја е зависна од увозот на странски добра и производи за што плаќаме пари и тие во овие моменти се одлеваат во странство. Со економскиот патриотизам и со купување македонски производи, македонските пари во најголем дел ќе останат да циркулираат во домашната економија – резимира Пекевски.
Професорот Ванчо Узунов вели дека во време на криза, генерално, свртување кон сопствената економија е задолжително и корисно бидејќи сега не е време за глобализација.
Професорот додава дека во овие моменти клучно за државата во економска смисла е дека треба да се покаже солидарност кон домашните бизниси, но од друга страна, треба да бидеме свесни дека Македонија е мала економија, која во најголем дел зависи од увозот од странство.
Узунов истакнува дека во овој момент е евидентно дека политичките партии ја апсорбираа темата со таканаречениот економски патриотизам, но ефектите од тоа, според него, би биле мали.

[email protected]