Фото: Игор Бансколиев

Историјата (на правно-политичките преседани во државава) се повторува. И понатаму не може да се пренебрегне фактот дека ваква ситуација никако не е предвидена во Уставот, па ниту надлежноста на Уставниот суд за нејзино решавање, без да се вовлече во носење политичка (мотивирана) одлука…

Уставниот суд презеде иницијатива за решавање на уставно-законски непредвидената ситуација во која се затекна Македонија. Имено, во мигот на прогласување на пандемијата на коронавирус, за спречување на ширењето на заразата, во интерес на граѓаните на Македонија, имаше потреба за воведување вонредна состојба, која сѐ уште е во сила. Но во вонредна состојба државата влезе со самораспуштено Собрание, чин што се реализира поради политички договор за одржување предвремени парламентарни избори. Тоа дополнително ја искомплицира состојбата во државава од формалноправен аспект. Имено, Собранието (законодавно-правниот дом) е срцето, без чија работа нема нормално функционирање на целиот правен крвоток во земјава. Така и се случи во екот на пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Како ќе пресече Уставниот суд

Сега, речиси по три месеци од самораспуштањето на Собранието, а поради (одржување предвремени) парламентарни избори, судија на Уставниот суд им предложил на своите колеги да поведат иницијатива по службена должност за укинување на одлуката за распуштање на Собранието, бидејќи сметаат дека е беспредметна. За предлогот на уставниот судија стручниот колегиум ќе разговара денеска, по завршувањето на редовната седница на Уставниот суд, на чиј дневен ред е првата одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, и неколку иницијативи за други прашања.

По однос на идејата за повторно свикување на самораспуштеното Собрание, група пратеници веќе поднеле иницијатива до спикерот Талат Џафери. Тој ја отфрли иницијативата како неуставна, односно посочи дека прифаќањето на иницијативата би значело прекршување на Уставот и своевидна „состојба на пуч“. Од друга страна, сѐ поевидентни се предизвиците што ги наметнува носењето на подзаконските акти т.н. уредби со законска сила на техничката влада, од аспект на нивната уставна заснованост. Факт е дека зачести нивното оспорување пред Уставниот суд.

Измешани надлежности на трите столба на власт

Покрај ова, сѐ повеќе се наметнува и дилемата за начинот и модалитетите на активирање на замрзнатите изборни активности. Извори од Уставниот суд за медиумите оценуваат дека ако Уставниот суд не ја укине одлуката за распуштање на Собранието, која стана беспредметна, бидејќи беше донесена заради изборите, но тие не се одржаа, тогаш на Македонија ѝ се заканува безвластие. Тие сметаат дека Собранието треба да биде функционално, бидејќи не се одржале избори, а мора да се подготви терен за нивно одржување и да се одреди нов датум за изборите. Меѓу другото, процената е дека во ваква состојба Владата добива надлежности што му припаѓаат на Собранието. Во ситуација кога Собранието не се состанува поради одлуката за негово распуштање, државата се доведува во состојба на интерегнум, бидејќи само парламентот е тој што мора и може да го одреди новиот датум за изборите..

Сепак, и покрај сите аргументи за иницијативната на Уставниот суд, и понатаму не може да се одмине фактот дека ваква ситуација никако не е предвидена во Уставот, па ниту надлежноста на Уставниот суд за нејзино решавање, без да се вовлече во носење политички мотивирана одлука.
– Неизбежно треба да се има предвид дека Собранието е деактивирано со одлука за самораспуштање, а не по истек на мандатот на пратениците. Самораспуштањето значи дека пратениците го направиле тоа со политички добра волја, ценејќи дека треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Уставниот суд мора многу внимателно да го разгледува, а потоа и да одлучува за статусот на парламентот. Прво, уставните судии треба да видат дали имаат основа да постапуваат по иницијативата, а потоа и да донесат одлука. Ова е прва ваква ситуација во уставната практика и уставните судии треба да видат дали се воопшто надлежни и да се преиспита дали иницијативата воопшто има основа во Уставот – смета поранешниот државен јавен обвинител Ставре Џиков.

Политичка одлука наспроти правна заснованост

– Поништувањето на одлуката за самораспуштање на Собранието е во сферата на политиката, а за правниот аспект треба да се направи внимателна процена. Ценам дека иницијативната е од политичка, а не од уставноправна природа – нагласува Џиков.
Тој не гледа логика во тоа отпосле да се проценува (па и од уставните судии) дали одлуката за самораспуштање на парламентот не ја остварила целта. Поранешниот јавен обвинител смета дека тоа е грубо паушално толкување, што не е ниту според Уставот ниту според закон.
Според иницијаторите, пак, ако се укине одлуката за распуштање на Собранието, бидејќи не се оствари целта поради која беше донесена – избори на 12 април, тогаш ќе се отстрани и правната пречка да се состане Собранието.