Синдикатите реагираат

Синдикатите реагираат против најновите мерки што ги предлага Комисијата за заразни болести, а се однесуваат и на тоа вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници, а трошоците за ПЦР-тестовите да бидат на трошок на вработените.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува присилно.

– Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот – се вели во реакцијата на ССМ.

До Синдикатот периодов пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани, а во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок. Поради ова, од ССМ се обратиле до Државниот инспекторат за труд.

– Во врска со пријавите од ССМ добивме и известување од Државниот иснпекторат за труд со кое сме информирани дека ваквите однесувања на работодавачите кои забрануваат влез за невакцинирани работници или ги задолжуваат да донесат негативен Ковид тест на свој трошок како услов да дојдат на работа, се незаконити. ДИТ постапувајќи по пријавите на ССМ, правилно ги применил законите и по спроведен инспекциски надзор ги укинал спорните одлуки на работодавачите – се вели во соопштението од ССМ.

Реакција стигна и од Конферерацијата на слободни синдикати (КСС). Оттука реагираат за прелогот на Комисијата за заразни болести што се однесува на тоа сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.

– Предлогот на Комисијата, трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници, да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права – велат од КСС.

Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да не се применуваат, се вели во нивното соопштение.